Референдумот ги измери бомбите на СДСМ

 

Класичен дебакл е последниот референдум на Жерновски во општина Центар. Ударот не е толку голем поради фактот што не помина неговото прашање за реконструкцијата на ГТЦ. Тоа и онака не беше ништо повеќе од празно политиканство на градоначалникот на Центар, бидејќи и тој, а и сите што гласаа знаат дека и да поминеше референдумот, тој едноставно немаше правна сила за да влијае на решение од кое е засегнат целиот град Скопје, па и еден дел од Македонија. Ударот е силен затоа што СДСМ по 3 месеци класична гњаважа на граѓаните и објавување приватни телефонски разговори, во својата општина не успеа да се помрдне од она што го имаше на последното соочување со граѓаните.

На сите кои ја следат политиката им е повеќе од јасно, дека референдумот во општина Центар не беше ништо повеќе од скапо платена анкета за да може Жерновски да си го провери сопствениот рејтинг и да види, како стои меѓу граѓаните. Иако се надеваше дека ќе надмине 20.000 гласови, Жерновски не е ништо подобар од изборите на кои победи.

Резултатот од нешто над 16.000 гласови од позиција на човек што ја познава политичката состојба не треба да се земе здраво за готово. Ако се има предвид дека опозицијата одеше на кампања преку т.н. граѓански сектор (се разбира оној финансиран од СОРОС)  мора да се искалкулира дека овие „граѓански“ активисти сепак успеале да измамат некој неопределен гласач кој излегол за да гласа и да го каже својот став за референдумското прашање.

Ако пред некоја година, велевме дека победата на Жерновски во Центар е голема победа за опозицијата, денеска по истата аналогија, мора да се признае дека поразот на референдумот во Центар е голем пораз за опозицијата. И тоа за целата опозиција. Жерновски е можеби и најмалиот губитник во оваа ситуација. Се разбира, најмногу губи СДСМ кој потроши третина од своите бомби за да покаже дека изборите во Центар биле нерегуларни. Еве вчера, без владејчката партија да мрдне со прст, тие го повторија истиот резултат од претседателските избори. Заклучокот е: Толку е, повеќе не може.

По веќе не знам ни колку бомби (околу 25 беа) анкетата на опозицијата (која сега се нарекува референдум)  за која според првичните математики плативме 3 милиони денари покажа дека бомбите на Заев немаат ефект врз неопределените гласачи. Се согласувам дека супер дојдоа за мотивација на партиското членство но од муабетите дека власта е готова и само што не паднала, нема ништо.

Останува прашањето, дали мораше да платиме 50.000 евра за да видиме до каде е СДСМ со објавувањето на бомбите? Па ако се има предвид какви анкети прави агенцијата Рејтинг (која во последно време стана официјален мерач на СДСМ) тогаш референдумот бил неминовен.
Вчера имаше напад врз агенцијата на Ѓорѓи Спасов кој рака на срце беше неоправдан. Се согласувам со агенцијата која подоцна напиша и демант дека тие никогаш не прогнозирале дека излезноста ќе биде 83%. Но колку ќе биде?
Господа од Рејтинг, зошто по ѓаволите направивте анкета за референдум каде знаевте дека клучна ќе биде излезноста, а во неа не дадовте параметри за тоа колку луѓе ќе гласаат?  Нема да зборуваме за промашувањето од 12 процентни поени за тоа колку луѓе ќе му дадат поддршка на референдумот.

За крај, обидот на опозционерите поразот да го претстават како победа. 
Во кампот на СДСМ кој не се радувал на повеќе од локална победа скоро 10 години, има неколку начини на прифаќање на поразите. Едниот е да поразот да не се признае, другиот е да се признае ама да се бојкотираат институциите, а третиот е да тој да се претстави како победа.
Опозиционерите не треба да се лажат. Самите во најавата на референдумот велеа дека ова не е референдум за ГТЦ, туку референдум за Македонија. Точно е, имаат мнозинство од поддршката во Центар, но тоа не е доволно за референдумот да помине. И Арсенал го победи Монако но не успеа да се пласира во четвртфиналето од Лигата на Шампионите.
Единствено што можат да си го препишат како успех е што успеваат да си ги задржат гласачите и покрај тоа што за градоначалник го имаат Жерновски кој е егземплар за политичар кој поените сака да ги собира на маса а не на терен.

Александар Спасовски
Новинар

 

 

 

 

Оцени ја веста

27.04.2015 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега