Оставка или врховен командант

Пратениците кои ги загубија локалните избори се соочуваат со притисок од јавноста да си поднесат оставка на пратеничката функција. Откако пратеникот на НДП, Изет Зеќири се реши да му каже збогум на пратеничкиот живот, бидејќи загуби во градоначлничката трка за Тетово, јавноста очекува истото да го сторат уште 5 пратеници на СДСМ и по еден на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Зекири изјави дека веќе нема легитмитет да ја извршува пратеничката функција, бидејќи граѓаните на локалните избори јасно му кажале дека не го поддржуваат.
Вчера медиумите пишуваа дека Јани Макрадули во моментов е врховен командант на Армијата, бидејќи целиот државен врв е на службено патување и не е во Македонија. Макрадули, кој инаку е потпретседател на Собранието, согласно законот во отсуство на Премиерот, Претседателот и Претседателот на Собранието, треба да ја води државата и да биде врховен командант на Армијата. 
Сепак, Макрадули е на највисока позиија меѓу онаа петрока пратеници на СДСМ кои доживеаа пораз на локалните избори а сепак останаа на пратеничките функции. Тој во трката за прв човек на Скопје убедливо беше поразен од актуелниот градоначлник, Коце Трајановски па оттука се поставува дилемата, од каде Макрадули го црпи легитимитетот, ако по истиот принцип, пратеникот на НДП, смета дека за него место во пратеничките клупи повеќе нема. 
Покрај Макрадули, во СДСМ изборите ги загубија и Андреј Петров, кој беше поразен во неговата матична општина Карпош и тоа со за овие избори рекордни над 10.000 гласа разлика, од неговиот довчерашен партиски колега, Стевчо Јакимовски. Пораз доживеаа и Миле Андонов во Кочани, Голупчо Ангелов во Делчево и Менде Диневски во Битола. Од владејчката партија, изборите во Струмица ги загуби Васил Пишев, додека од ДПА во Скопје беше поразен Беким Фазлиу.
За разлика од овие пратеници во ДУИ Арбен Лабеништа се повлече од пратеничката функција уште пред да почнат изборите во кои исто така загуби во трката за струшки градоначалник. Оставки поднесоа и двајца министри на ДУИ, кои успејаа да станат градоначлници на Тетово, односно на Гостивар