320 деца бесплатно заминаа на одмор во Струга и Пелистер
Првата група од 320 деца од повеќе градови од Македонија денеска замина на бесплатен одмор и рекреација. Сто и дваесет деца ќе летуваат во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга, а 200 на Пелистер. На секои седум дена ќе се испраќаат нови групи деца со што вкупно ќе летуваат 2.000 деца.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска на Меѓуградската автобуска станица во Скопје ја испрати првата група деца кои ќе ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација. Дечињата се од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за 2013 година.
- На овие деца им овозможуваме седумдневен бесплатен летен одмор и безгрижни денови. Проектот опфаќа повеќе активности, воспитно-образовни, спортско-рекреативни и културно-забавни кои на децата ќе им ги исполнат деновите, рече Спасов и им се заблагодари на родителите кои се приклучиле во овој проект.
Сузана Тунева Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје информира дека Црвениот крст на Република Македонија вторпат се вклучува во овој проект на Владата на Република Македонија.
- Оваа година ќе имаме многу поквалитетен одмор што ќе го организираат 60 волонтери во текот на овие два месеца. Ќе бидат вклучени волонтери од 15 општински организации на Црвениот крст ширум државата. Волонтерите поминаа одредена обука и подготвени се да го организираат слободното време на децата кои ќе ги поминуваат годишните одмори во одморалиштата „Мајски цвет“ во Струга и на Пелистер, рече Тунева Пауновска.
ФОТО: МИА