Иванов: Демократијата подразбира да ги користите институциите

Демократијата како систем подразбира решенија за предизвиците да се изнаоѓаат преку институциите, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за емисијата Bugajski Hour на познатиот американски аналитичар Јануш Бугајски, емитувана на албанската телевизија Albanian Screen. 

Коментирајќи ги актуелните случувања на македонската политичка сцена, претседателот Иванов вели дека единствено преку институциите треба да се бараат решенија на актуелните предизвици. 

- Фрустрациите кои што се создаваат во македонското општество, блокадата и во НАТО и во Европската унија, на некој начин придонесуваат за огромно незадоволство, покрај неуспехот на опозицијата веќе во неколку изборни циклуси да постигне каква било победа. Демократијата подразбира да ги користите институциите, пред се, Парламентот и сето она што го имате изнесено во јавност, преку инструментите на Парламентот, процедурите кои постојат согласно Уставот, законите, за да го постигнете она што го сакате - распишување нови избори, вели претседателот Иванов во интервјуто за Bugajski Hour. 

„Кај нас опозицијата ниту сака да се врати во Парламентот, ниту пак сака нови избори. Затоа ја прави и состојбата многу поделикатна“, објаснува претседателот Иванов. 

Дополнително, според македонскиот претседател, ситуацијата е усложнета поради непризнавањето на неговиот легитимитет на дел од опозицијата, а со тоа е оневозможена и евентуалната неговата посредничка улога во надминувањето на кризата. 

- Во оваа актуелна ситуација имаме изместување од таа практика и од тој обичај Претседателот да ја има таа улога, затоа што опозицијата не сака да го признае легитимитетот на институцијата Претседател, и се обраќа директно до меѓународните фактори“, вели претседателот Иванов. 

Коментирајќи ги забелешките во однос на подготвеноста на земјата за членство во ЕУ, претседателот Иванов со коментар - последниците од блокадите ни се наметнуваат како причина за нова блокада. 

- Јас гарантирам дека Македонија ги исполнува стандардите и дури има подобри квалитети од многу сегашни членки на Европската унија. Не велам дека сме идеални, дека немаме отворени прашања во однос на сите тие забелешки. Има. Меѓутоа, не може тоа да биде алиби и последиците од блокадите сега да ни се наметнуваат како причина за нова блокада, вели претседателот Иванов во интервју за Bugajski Hour. 

Во однос на блокираното членство во НАТО, претседателот Иванов побара почитување на меѓународното право, а коментирајќи ги перспективите во спорот за името, по доаѓањето на Сириза на власт во Грција, македонскиот претседател вели дека дава надеж фактот што оваа нова гарнитура не била вмешана во состојбите кои ги создавале претходните елити во Грција. 

- Младите луѓе од Сириза ги знаат реалните состојби, ја знаат новата реалност и знаат која корист ја имаат кога се блиски со Македонија и со другите соседни земји, како бизнис релациите, туризмот и приходите растат во Грција од нивните соседи, вели претседателот Иванов. 

Според него, со текот на времето и политичката елита ќе сфати која штета ја трпи од едно прашање кое не е изворно грчко.

- Тоа им беше наметнато, односно Грција влезе во една туѓа игра, без да биде свесна за тоа, од која само трпи штета, а и ние трпиме штета. Се надеваме дека оваа млада генерација со време сево ова ќе го сфати, и во духот на меѓусебното пријателство, она што е создадено како амбиент меѓу научниците, бизнисмените, артистите, обичните луѓе, на основа на таа нова реалност, ќе ја креира и својата политика кон Македонија и кон другите соседи, истакнува претседателот Иванов за Bugajski hour.

 

 

Оцени ја веста

19.04.2015 - 11:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега