Собранието ги поддржа измените на Законот за безбедност на храна

Собранието на Република Македонија денеска на продолжение на 43. седница го поддржа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна, во прво читање, пренесува МИА.

Со Предлог законот  се врши усогласување на домашната со регулативата на ЕУ и се допрецизираат одредбите  за информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорностите на операторите со храна за информациите поврзани со содржината на храната, односно нејзиното означување. Разработена е проблематиката за нутритивните и здравствените тврдења, општите здравствени тврдења, како и здравствените тврдења за намалување на ризикот од болест и здравствени тврдења кои се однесуваат на растот и развојот на децата и нивното здравје, додатоците на исхрана, храна за посебна нутритивна употреба и збогатена храна

Со законските измени, меѓу другото, е предвидено да се формира Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, а со цел независен надзор на внатрешната ревизија на официјалните контроли. Се уредува работата на лабораториите за вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни како и материјалите и предметите што доаѓаат во контакт со храната. Со измените се обезбедува и правна рамка за воспоставување на национален совет за безбедност на храна и храна за животни, како и воспоставување  мрежа за собирање податоци и база на податоци.

Пратениците во текот на расправата оценува дека станува збор за исклучително важен закон за квалитетот на исхраната и здравјето на граѓаните затоа што ќе бидат подобро и соодветно информирани. Храната, истакнаа, не смее да се стави во промет доколку е небезбедна. Првенствено, укажаа пратениците, бенефит ќе имаат граѓаните како потрошувачи затоа што ќе знаат што содржи храната која ја купуваат,  а корист ќе имаат и компаниите затоа што соодветно спакуван производ со декларација е поатрактивна понуда на пазарот.

- Граѓаните ќе имаат бенефити од законот, ќе се подобри квалитетот на нивното здравје, ќе бидат поинформирани за составот на  храната. Македонија е земја со поволна клима за производство на прехранбени продукти. Доколку се квалитени, има доволно информации и соодветна инспекција тогаш може да се врши извоз на овие продукти и да се подобри економијата, рече пратеничката Шпреса Хадри од ДУИ.

Пратеникот Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека станува збор за исклучително важни законски измени чија цел е подигање на нивото на заштитата на интересите на потрошувачите и повисок степен на заштита на здравјето на граѓаните.  - Се врши дополнително прецизирање на одредбите за специфичните информации за храната која се употребува кои треба да бидат достапни на потрошувачите, рече Чибишев.

Исклучително е важно, додаде, што се доуредува проблематиката во однос на одредени нутритивни и здравствени тврдења со што се надевам дека максимално ќе се подобри квалитетот на одредени  производи на пазарот. 

Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Соња Талевска во законот е регулирано дозволеното количество на витамини и минерали и други додатоци во храната кои мора да бидат видно и јасно обележани при нивното купување на нивната амбалажа. Секојдневно се соочуваме со концентрирани хранливи материи кои можат да делуваат позитивно или негативно врз здравјето на луѓето доколку не се користат правилно. Битно е означувањето и за важноста до кога е можно да се користи производот, земјата на потекло, концентрациите, наведе Талевска, истакнувајќи дека за безбедна и здрава храна  е потребен координиран пристап од повеќе надлежни институции.

Сопартиецот на Талевска, Ромео Тренев рече дека законот ќе ја зголеми безбедноста на храната, правата на потрошувачите и нивната информираност за храната. Потребно е, укажа, да се подобри информираноста на сточарите за  последиците од пуштање во промет на производи од животни третирани со антибиотици.  

Собранието даде поддршка и на Предлог законот за престанување на важноста на Законот за водните заедници, во прво читање. Целта на Предлог законот е престанување на важењето на Законот за водните заедници за да се централизира управувањето со системите за наводнување и одводнување преку формирање на АД Водостопанство на Република Македонија во државна сопственост и подружници. Постоечките водни заедници ќе се укинат, а постоечките водостопанства ќе прераснат во подружници. 

Со предложените измени на Законот за земјоделско земјиште, за кои исто така расправаше Собранието, се внесуваат одредби со кои се дефинираат поими на поврзани лица заради учество на јавен оглас за површини до 10 хектари.  Целта, според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, е да се надминат злоупотребите што се правеле во изминатиот период  и се добивало целото  земјиште во одредена катастарска општина.  Затоа  сакаме едн лице да не може да ги добие сите површини, туку напротив  во одредена кастарска општина да го добијат само одреден број лица, наведе Цветков. 

Во Предлог законот, меѓу другото, се утврдува почетната цена на закупнината на земјоделското земјиште во државна сопственост во постапки по јавен оглас по класи по единица површина од еден хектар. Со предложените законски измени се зголемува закупнината така што за земјоделското земјиште за 1 и 2 катастарска класа се предлага 120 евра, односно за земјиштето од 7 и 8 катастарска класа да достигне до 30 евра. За земјоделското земјиште над 1.000 метри надморска височина се предлага почетната цена на закупнината следствено да се намали за 50 проценти.  

За  промените кај цените и новините во тек на расправата, дел од пратениците изнесоа дилеми и најавија амандмани, а министерот Цветков  побара сите да понудат решение во интерес на земјоделците. Досегашната просечна закупнина на земјоделско земјиште, како што рече, е 80 евра.

Со Предлог законот се предвидува и земјоделското државно земјиште да се дава под закуп за подигање долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, а на толкав период им се продолжува закупот на постојуните закупци. - За лешникот има голема побарувачка, а климата во Македонија одговара за негово одгледување  пред се на површини  над пета, шеста и седма  и осма класа, рече министерот Цветков.

Собраниската седница ќе продолжи по редовната пауза. 

 

 

Оцени ја веста

15.04.2015 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега