Науновски: Македонците го прочитаа Заев - време е СДСМ да си го смени раководството

Од црното сценарио на СДСМ и Заев, најголема штета доживеа меѓународниот углед на Република Македонија. Македонците покажаа дека нема да дозволат антимакедонски дејствија, со што ја урнаа идејата да се направи раздор. Чекајќи судска разрешница на „Пуч“, во однос на политичкото решение, СДСМ треба да го смени од корен своето партиско раководство и преку избори, а не насилно да се обиде да дојде на власт.

  toniintervju11

Ова се клучните поенти во интервјуто на Курир со на професорот и колумнист Тони Науновски.

-Штетите, односно негативните последици од оваа последна афера, односно обид за државен удар, таканаречените бомби коишто ги презентираше претседателот на СДСМ, реално имаат негативен ефект единствено кон меѓународниот статус и углед на Република Македонија во смисла на тоа дека меѓународната заедница за жал ќе почне да не третира како условно кажано недоволно суверена и недоволно стабилна во политичка смисла држава затоа што нашиот суверенитет е основата на нашата држава и ние тој суверенитет мораме да го почитуваме и максимално да го зацврстуваме. Оттаму сите оние повици од разни центри на моќ внатре во Република Македонија и внатре некои политички партии коишто упорно повикуваат на меѓународно посредништво во нашите интерни домашни политики и условно кажано проблеми апсолутно мора да бидат отфрлени од македонскиот народ затоа што за оваа наша држава апсолутно гинеле илјадници и илјадници Македонци за ние денеска да имаме таков благодат и да живееме во суверена наша македонска национална држава Република Македонија. Меѓутоа, се разбира дека сиот овој обид да се преземе власта на недемократски начин, односно да се оптруира, некој вид на нелегална власт, а таква би била секоја која би дошла на некој друг начин освен преку избори, со мнозинство на освоени мандати односно пратеници на слободни демократски избори. Проблемот е што македонскиот народ веќе има долго колективно искуство да го препознае секој обид којшто ќе значи уништување не само на суверенитетот туку и обид да се преземе власта. Власта мора да биде единствен одраз на политичката волја, ставови и мислења на народот. Секој обид да се направи наметнување од било која моќна инстанца, еве како на пример повикувањето на меѓународни претставници или медијатори кои условно кажано, нели, според барањата на некои кругоги блиски до СДСМ кои ќе ја менаџираат кризата, односно ќе создадат преодна влада, техничка влада и така натаму, се апсолутно против потребите, интересите, желбите на македонскиот народ и мислам дека тоа самиот македонски народ нема да го дозволи. Доколку еднаш ние дозволиме како што беше во 2001 година со меѓународните последици да не доведат од суверена држава до ниво на протекторат во којшто странци со нивните политички, национални и економски интереси да ни ја управуваат државата, да ни формираат Влада, тоа е апсолутно недозволиво. Јас сум убеден дека тоа македонскиот народ и македонските политички партии нема да го дозволат. Но дури овој вид на нелегитимно политичко дејствување може да доведе до целосно искривување на македонскиот политички дискус. Ние како држава имаме многу поголеми проблеми од овие коишто вештачки беа наметнати. Овој вид на политичко однесување на раководството на СДСМ толку многу го искриви автентичното разбирање на политичкото и се оддалечија од суштинските проблеми на државата. Ние како држава имаме голем број на проблеми и мораме да се вратиме на вистинскиот демократски начин и модел на рабирање на политиката и решавање на проблемите. Потребно е етапно формирање на консензуси на политичките партии за да се започне со реализација на големите задачи кои нас како нација и држава мораме да ги решаваме, а пред се мислам на задржување на националниот историски идентитет на македонскиот народ и делегализација на рамковниот договор кој е јасно дека го блокира развојот и перспективите на Република Македонија и на некој начин инхерентна блокада на секоја можност нашата држава да започне да се развива согласно цивилизациските и демократски параметри кои важат во целиот свет, рече Науновски.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија доби силна поддршка од македонската јавност. Науновски седна на заедничка маса со експерти, историчари, актери и новинари и испратија пред сите моќна порака- дека народот нема да дозволи некој да и направи штета на нашата земја.

Која е целта на ова движење, какви се реакциите од јавноста и пред се- Од што и од кого ја браните Македонија?

-Јас и моите пријатели по првичниот шок откако беше најавена и презентирана условно кажано првата и втората бомба дојдовме во нашите разговори до заклучок дека се согласуваме со неколку основни ставови, а тоа се ставовите дека овој начин е нелегитимен и нелегален обид да се преземе власта, а не преку избори, кој е единствен начин да се дојде на власт и нашиот отпор кон тоа да се предаде суверенитетот на некои странски посредници кои тука ќе дојдат и ќе вршат измени на закони и устав и така натаму. Разговаравме и спонтано решивме да ги претставиме нашите ставови. Тука дадовме секој од нас голема жртва. Јас не бев сигурен до кое ниво е сето ова осмислено со каква намера и така натаму. Имаше голем медиумски мрак, односно многу дезинформации кои во перцепцијата и некој вид на конфузија. На почетокот не беше јасно што е и како е, а ние заминавме на многу места низ Македонија и ги кажавме своите ставови. Сите ние сме интелектуалци и покрај тоа што се согласивме на точките на анализа на оваа афера, ние имаме и специфични разлики во нашите мислења, што е сосема легитимно. Разликите помеѓу нас остануваа за одреден број на прашања, но за оние најважните веќе се согласивме. Се разбира, цената којашто ја платив лично јас е толку мала во споредба со крвта која е пролеана од нашите предци за оваа држава. Но дека беше од почеток многу неизвесно и психотично на колективно ниво, тоа е факт.  Денес веќе сета оваа трагикомедија е веќе доволно препознаена и разбрана на стриктно рационален начин од јавноста. Ефектот од сето ова во негативна смисла ќе биде по угледот на Републила Македонија , но може да донесе некој вид на нус позитивен ефект во смисла дека после ова Република Македонија ќе излезе посилна, поцврста и колективно поискусна во смисла на препознавање на обид за уништување, делегализација на сето она што го имаме ние оставено како своја трага во нашата држава. Во таа смила јас сум уверен дека сето ова ќе биде уште една многу лоша епизода во смисла на кулминација на тие негативни, погрешни политики на раководството на СДСМ, ќе остане уште еден грев кон македонската држава и народ, затоа што од сето ова ние нема да добиеме ништо добро, освен можеби некој вид на колективна катарза зашто мислам дека тоа денеска во 21 век да имаш држава е апсолутно голем благодет. Курдите на пример се 10 пати повеќе од нас, а немаат држава. Ние мораме да бидеме свесни дека живееме на Балканот, а Балканот историски, а така е за жал и денес, има специфичен онтолошки политички реалитет и ние како Македонија знаеме дека имаме многу непријатели во светот, а особено на Балканот и мораме да бидеме свесни дека треба да ја чуваме државата, да ни биде репер за нашето размислување и нашето однесување. Мораме да дадеме свој придонес за како што на нас ни ја оставиле нашите дедовци и ние да ја оставиме на нашите деца и внуци, истакна Науновски.

Неодамна рековте: „Како што минуваат деновите тие стануваат се понервозни и прават се поголеми лоши сеанси, во смисла на комедија. Тие почнаа внатре во својот антимакедонски ум да составуваат влада со албански премиер. Јас се чудам на тој нивен ум, во Македонија владеат и ќе владеат Македонци, а не Албанци“. 

 -Чекајте бре луѓе, како прво Албанец премиер може да има во Албанија, не може да има во Македонија! Ова е Република Македонија, држава на македонскиот народ, се разбира и на малцинствата меѓутоа во Уставот. Уставот има два дела- оној кој што е констутивен во смисла на легалитет, законскиот дел, граѓанскиот дел, но има и она што се вели историско, национално потекло на државата. Затоа таа разлика помеѓу македонскиот народ и делови од народи кои живеат во Република Македонија е апсолутно задржана. Јас кога ја слушнав оваа налудничава идеја, прво се изнасмеав, но потоа се обидов да дојдам до причините и суштините на оние кои што ја промовираа многу силно во јавноста оваа идеја. Дојдов до заклучоци дека, да не споменувам имиња кој и како ја промовирал, меѓутоа ваквиот начин на размислување кај некои Македонци мене ме чуди. Јас неможам да разберам како е можно некој да предлага премиер на Република Македонија, на државата на македонскиот народ да биде Албанец. Како прво, во Македонија има луѓе кои што живеат во Македонија, а припаѓаат на албанското малцинство во МАкедонија. Терминологијата не е добра. Албанци има во Албанија, во Македонија живеат Албанци со македонско државјанство. Односно, тие се припадници на националното малцинство Албанци во Македонија. Но, загрижувачки е сиот овој начин на размислување, загрижувачка е самата идеја кај некои луѓе да на овој начин, а има и други идеи кои одат во насока на дестабилизација односно деконструкција на државата во национално историска смисла како држава на македонскиот народ. Тој обид мене многу ме загрижува и отсекогаш ме загрижувал затоа што мислам дека тоа е едно од местата одбрани од редица меѓународни, претпоставувам, антимакедонски центри на моќ затоа што многу лесно можат да ја урнат самата наша држава и да ни го сменат името и идентитетот. Притоа мислам на постојаните инсистирања на политичките елити на Грција дека неможат само Македонците да одлучуваат за името на државата која што за жал е тотално координирано. Нивните чести средби ги знаете, нивните обиди некои политички партии на албансото малцинство да се наметнат како релевантен фактор кој ќе одлучува за името на државата и македонскиот народ е погубна идеја. Таа мора да се отфрли од буквално секој Македонец и да се даде отпор кон овој начин на размислување кој нас ќе не обесмисли затоа што ние друга држава немаме. Ние мораме оваа држава да ја третираме како дел од нашиот историски национален идентитет. А обидот на некои кругови во меѓународната заедница со постојаните консултации, средби, со некои политички партии на албанското малцинство во Македонија е само знак дека ние имаме непријатели и дека мораме уште повеќе да воспоставуваме консензус меѓу нас. И затоа оваа последна афера со државниот удар не е добра затоа што помеѓу другото, особено на почетокот, внесува омраза и раздор помеѓу Македонците. Тоа е нешто што ние не смееме да го дозволиме. Затоа што нашето единство е нашата сила. Ние колку што е можно повеќе мораме да имаме единство, не за се се разбира, ова е демократија, но за клучните национални и државни интереси македонскиот народ мора да воспостави единство, истакна професорот во интервју за Курир.

Црниот понеделник никогаш не смее да се повтори, вели Науновски. Тоа беше уште еден пример кога некој тргна насилно да освои институција. Две толпи народ, едната предводена од Црвенковски и Заев. СДСМ, вели Науновски, можеби планираше и сега токму вакво сценарио.

-Во таа смисла, имаше еден многу ужасен ден. Тој ден беше црниот понеделник кога толпа Македонци тргнаа кон насилно освојување на државна институција. Јас тој ден го сметам за еден од најцрните денови, не само во новата, туку во севкупната историја на Македонија. Затоа што постоеше опасност Македонци да се закрват со Македонци, Македонци да нападнат Македонци. Од едната страна беа поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, од другата страна поддржувачи на СДСМ, но за жал едните предводени од тогашниот лидер на опозицијата Црвенковски. Тоа беше ужасно. За среќа полицијата тогаш реагираше, за среќа на нас Македонците и на нашата држава. Доволно е само да се судрат десетина луѓе и тогаш ние веќе држава ќе немаме. Па нашите крвници едвај чекаат тоа да се случи, ние помеѓу себе да се истепаме и тогаш ќе им биде полесно и да ни го сменат идентитетот и името, се ќе ни сменат. Јас многу се плашам од тој вид на сценарио и се надевам дека такво сценарио иако можеби било планирано и сега да се случи со оваа последна афера. Јас верувам дека македонскиот народ со неговата историска и колективна мудрост ќе ги отфрли тие видови на антимакедонска пропаганда. Затоа што ние не смееме помеѓу себе да се закрвиме, ние мораме да имаме консензус за основните работи. Се разбира, не за сите работи во економијата, во образовна политика, за земјоделска политика, тоа се легитимни политички разлики. Но, кога станува збор за името, за државата, за Уставот, за Рамковниот договор и за неколку други работи ние мораме да воспоставуваме консензус и да имаме единство. И само на тој начин ние ќе ја одржиме нашата држава. Но исто така, поврзан со оваа лоша, грда епизода, негирањето на легитимитетот и легалитетот на институциите на системот е исто така многу опасно. Затоа што институциите на системот се нашата држава. Што е Република Македонија во таа смисла, во апстрактна смисла е сосема нешто друго, но во конкретна и реална форма таа е систем на институции. Ако вие го негирате легитимитетот на државните институции, тоа е анархизам, тоа е анархија, а демократијата не е анархија, истакнува Науновски.

Според професор Науновски, сето ова веќе е завршено. Помпезноста и стравот опаднаа заедно со заинтересираноста на македонските граѓани. Сега треба да се чека правна завршница. Во однос на политичкото решение за оваа состојба, според него, потребно е СДСМ од корен да го измени партиското раководство.

-Јас мислам дека сето ова веќе заврши. Заврши после десетина дена, барем за мене. Од почеток беше неизвесно, беше психотично, имаше на некој начин еден колективен стрес кај македонскиот народ, што е факт. Јас тоа го регистрирав и самиот го почувствував затоа што не ги знаев размерите на оваа, условно кажано, политичка игра. Но, сега веќе е сосема јасно. Сега веќе се стабилизира колективното мислење и перцепција на оваа афера со Пучот, со бомбите, кај македонскиот народ. Страшно беше на почеток првите 10-15 дена. Тогаш беше опасно време затоа што имаше многу дезинформации, имаше жестока антимакедонска пропаганда. Имаше, тоа е веќе легитимен израз, овие соросоидиве тогаш имаа жестока кампања. Од почетокот беше хаос. Сега веќе тој хаос стана ред. Сега веќе автентичните информации, анализи, стабилни перцепции на сето она што се случуваше веќе се стабилизираа во мисловниот систем на секој Македонец и сега преостанува единствено да ги дочекаме, се надевам, мирниот развој на настаните. Од една страна функционирањето на правосудниот систем со процесуирање на обвинителните акти. Знаеме дека веќе има еден кој веќе е осуден, односно го признал делото дека директно прислушкувал. Останатите обвинети, во една демократска, легална процедура на судскиот систем во Македонија, ќе ги дочекаме пресудите во таа смисла. Во онаа политичка смисла очекувам да има смирување и тоа веќе се забележува, за наша општа среќа. Сега треба, тој обид да се наметне колективна психоза помеѓу граѓаните кои можеби имаше тенденција да предизвика внатремакедонски судир веќе тоа нема да се случи, нема таков капацитет. Иако, повторувам на почетокот, се можеше да се случи затоа што беше навистина збунувачки и хаотично. Меѓутоа денес веќе сето тоа, информациите, анализите се стабилизираа. Се разобличи целосно сценариото на оние кои го инспирирале, го нарачале, реализирале ова сценарио. Во наредниот период очекувам од една страна правна, судска разрешница на оваа афера, од друга страна е политичката, онаа која што јас подолго време ја сугерирам на луѓето во СДСМ. Тоа е да го разрешат ова политичко раководство, да се донесат нови луѓе, кои ќе имаат нова идеологија, кои ќе го заборават овој лош обид за државен удар односно обид за нелегитимен и нелегален начин на превземање на власта, кои со нова програма ќе се обидат да се спротивстават на следните политички демократски и слободни парламентарни избори, заклучува Науновски.

 

 

Оцени ја веста

14.04.2015 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега