Македонски пратеници на сесија на ПС на Советот на Европа
Собраниска делегација на Република Македонија ќе учествува на третиот дел на редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што ќе се одржи од 24 до 28 јуни 2013 година во Стразбур.
Во состав на делегацијата се пратениците Александар Николоски, Игор Ивановски, Ермира Мехмети Деваја, Александар Спасеновски и Имер Алиу.
На оваа сесија ќе бидат разгледани повеќе прашања и извештаи, меѓу кои и Предлог-извештајот за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, предлогот да се отвори мониторинг постапка со Унгарија, предлог-протоколот бр.16 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, поделба на политичката и кривичната одговорност, ситуацијата на Блискиот Исток, евалуација на партнерството со Мароко, корупцијата како закана за владеење на правото, еднаков пристап кон здравствена заштита, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и други прашања.
На јунската сесија се очекува на парламентарците да им се обрати Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент и Едвард Налбандан, министер за надворешни работи на Ерменија, копретседавач со Комитетот на министрите на СЕ. Во текот на сесијата ќе се врши избор на судии за Европскиот суд за човекови права од Исланд, Литванија и Словачката Република.