Кастратовиќ: Со полна сала до победа
Тренерот на македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар упати апел до навивачите в сабота да ја исполнат салата во СЦ „Јане Сандански“ и да им помогнат на „црвено-црните“ на првиот четвртфинален меч од Лигата на шампионите против унгарски Ѓер.
- Работевме квалитетно и подготвени и без повредени играчи го очекуваме дуелот со Ѓер. Го познаваме противникот, знаеме дека се европки шампиони, но сега доаѓаат во Скопје и затоа не треба да размислуваме за ништо друго. Како и секогаш пак ќе повторам дека најважна е одбраната и најважно е какви ќе бидат почетните минути. И повторно ќе ги повикам сите љубители на ракометот да дојдат. Знаеме сите како е кога е полна салата, а како е кога не се исполнети трибините. Ова ни е најважен меч оваа сезона и затоа се надевам дека ќе ги усреќиме сите во Македонија, изјави Кастратовиќ.
Две од вардаровиот состав порано го носеле дресот на Ѓер и го знаат системот на функционирање таму. За Андреа Лекиќ воопшто не е важно што противникот доаѓа ослабен, со четири, пет повредени ракометарки.
- Јас и Јованка Радичевиќ бевме дел од оваа машинерија. Тоа е состав кој трета година го води Амброш Мартин и сигурно дека се фаворити, но ние очекуваме позитивен резултат. Сега сите зборуваат за повредените играчи на Ѓер, но ние не се оптоваруваме со тоа. Атмосферата во Скопје е одлична и на ниту една екипа не ѝ е пријатно да гостува овде, верувам дека така ќе биде и со Ѓер. Имав можност да ја почувствувам атмосферата кога играа мажите и се надевам дека и ЖРК Вардар ќе има таква поддршка, затоа што ова е најважниот меч за нас оваа сезона, изјави Лекиќ.
Натпреварот почнува во 19 часот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа