Срамна лага и конструкција на Заев, спуштање на цената, а не провизија е тема на разговорите
Во преговорите за изградбата на автопатите до Штип и Охрид се преговараше и цената, но и огромен број на други технички детали кои што се многу важни: обврски за користење на локални компании, локални вработени и локални материјали, за што успеавме да постигнеме одлични услови. Во овој дел е постигнат најдобар договор од сите држави во регионот, со тоа што над 70% од вредноста на автопатот останува во Македонија, кај македонските компании и работници.
Ова го изјави вицепремиерот Владимир Пешевски на пратеничко прашање од Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со обвинувањата од СДСМ изнесени на денешната прес-конференција.
- Во процесот на преговори, бевме вклучени јас и Миле Јанакиевски, но имавме повремени консулатации и со сите други релевантни институции, најмалку десетина, вклучително и со премиерот. Консултациите беа вршени со намера и насока да се постигне што пониска цена, значи за спуштање на цената и за ништо друго. Се друго е обид за тешка манипулација и лаг, рече Пешевски.
Тој додаде дека во процесот на преговори кој што, вели, е многу долг и комплициран има голем број консултации, анализи, а се разбира и тактики и техники во самите преговори.
- Доволно е да кажам дека последните рунди на разговори траеа по 19 часа без прекин. Дел од тие техники е и начинот како се спушта цената. Во тоа спуштање се сугерира со кој чекор двете компании да ја намалуваат цената во фазата на преговори. Откога беше постигната горната цена, на двете компании им беше даден дополнителен рок во кој имаа дискреција да ја спуштат цената под ова ниво и да достават конечна понуда. Беше одбрана најниската понудена цена, за која што слободно можам да кажам дека е меѓу најниските во Европа, потенцира Пешевски.
Тој при тоа посочи на примери за цени за изградба на автопати во Хрватска и Унгарија и укажа дека се оди во погрешна насока ако се споредува само цената, а не се земат предвид и други параметри како што се карактеристиките на теренот.
Пешевски објасни дека проценката за градежните работи од Агенцијата за патишта направена за проектот е од 2002 година, и врз основа на тоа е правена физибилити студија во 2008 година. Од тогаш, рече, цената на каменот е 30%, на металите за речиси 40%, цената на нафтата 63%. Во таа цена не се влезени голем број елементи како што е осигурување, трошоци за водење на проектот, зголемената просечна цена на работната сила, како и други параметри поврзани со реализација на проектот, а кои што со физибилити студијата од 2002 година не биле воопшто предвидени.
- Очигледно како што самата опозиција призна, се работи за монтирани, креирани и сечени разговори, чија веродостојаност не е потврдена. Јасно е дека се она што го прави опозицијата излегува вон законските рамки. Исто така, јасно е дека целта е да се нападне и омаловажи проект кој што е со огромно значење за државата, проектот кој што го поздравија и граѓаните и бизнис секторот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа