Албанец премиер, тензии и штета на Македонија е сценариото на СДСМ

 

Јавноста и експертите изразуваат жестоко несогласување и осуда на обидите за додворување на СДСМ кон албанските партии, нудејќи им го местото премиер на државата.

Оваа нивна теза беше пласирана преку соросовиот весник „Фокус“, кој е под директна контрола на СДСМ, а оваа понуда никако не е случајна, туку е стратешки проектирана, коментираат експертите. Според нив, последниот предлог Албанец да биде новиот македонски премиер ги потврди предупредувањата на експертите дека Заев е подготвен на големи отстапки само за да добие фотеља на Илинденска.

Секогаш кога СДСМ ја нема поддршката од граѓаните се обидува со вакви непринципиелни дејствија да ја поништи народната волја. Јавноста памети дека и во 2011 година кога СДСМ изгуби на предвремените парламентарни избори, имаше обид да им се додвори на на албанските партии нудејќи им ја позицијата премиер на Република Македонија. И поранешниот претседателски кандидат и министер во владите на СДСМ, Љубомир Фрчкоски излезе со ваков предлог. 

Фрчкоски во 2011-та година за албанскиот Топ Ченал, рече дека „нам ни одговара еден тип влада која ќе биде секогаш коалициона во голема коалиција. Второ, ни одговара систем во кој ќе се ротираат главните функционерски места. Премиер во тој случај ќе може да биде Албанец, без некаква тензија или проблем“. Експертите и јавноста жестоко рагират на ваквите, како што велат, антимакедонски идеи. 

-Нивниот проблем е што македонскиот народ како и секогаш во историјата ќе биде победник, бидејќи тие ги препознаа тајните и скриени намери на опозицијата. Како што минуваат деновите тие стануваат се понервозни и прават се поголеми лоши сеанси, во смисла на комедија. Тие почнаа внатре во својот антимакедонски ум да составуваат влада со албански премиер. Јас се чудат на тој нивен ум, во Македонија владеат и ќе владеат Македонци, а не Албанци, смета аналитичарот Тони Науновски.

Креирање тензии дел од сценариото на Заев

Заев ја вовлекува и Македонија во се полошо сценарио кое доведува до прашања - дали ова ќе заврши мирно, без тензии. Предлогот на Фокус е само дел од сценариото кое според експертите го креираат СДСМ , СОРОС и нивните странски соработници. Очигледно расте нервозата на Бихаќка, бидејќи сценариото кое СДСМ го планираше и очекуваше да се исполни, народот препозна дека е мрачно. Пред неколку дена на арапската Ал Џезира беше објавен скандалозен филм преку кој директно ги навреди Македонците. Во него, ветеран на УЧК пред картата на голема Албанија им се закани на сите Македонци со војна, а веднаш по него, Радмила Шеќеринска рече дека во земјава ќе биде уште полошо од денеска.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов на трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, истакна дека луѓето платени од СОРОС, преку своите медиуми го трујат македонскиот народ и сакаат да ја дестабилизираат државата, како и да ги нарушат инситуциите.

-Имавме можност пред неколку дена да го видиме документарниот филм на „Ал Џезира“, каде се појавуваат токму овие ликови, заедно со потпретседателката на СДСМ и кои на најнизок начин ја плукаат државата, плукаат по институциите на системот и ја претставуваат Македонија како без малку да сме веќе во меѓуграѓанска војна, а сакаат да испровоцираат и меѓуетнички конфликт... Сакаат да направат поделба меѓу нас Македонците, да испровоцираат меѓуетнички конфликт преку вадење на луѓе на улица и со самото тоа, по насилен пат како на 24 декември 2012 година, да влезат во институциите на системот и по насилен пат да го сменат уставниот поредок и онаа власт која што пред година дена со 500 илјади гласови беше изгласана, рече Пандов.

Заев почна да дава признанија за соработката со странски служби

Лидерот на СДСМ, соочен со цврстите докази, почна да дава признанија во јавноста. Во најновата изјава за Дојче Веле, тој прифаќа дека материјалите кои ги поседува можно е да биле од странски служби.

-Јас не можам да коментирам дали и зошто евентуалните матерјали на Верушевски биле на англиски јазик. Ако постоела странска служба, власта тоа требаше веднаш да го објави и да упати демарш до амбасадорот. Тоа е така секаде во светот, изјави Заев во интервјуто за Дојче Веле.

Она што е карактеристично во интервјуто, е тоа што Заев за прв пат ја остава отворена можноста за учество на странски служби во изведување на целата операција која е креирана од СДСМ.

Опозицискиот лидер кој доживеа дебакл со неуспешните бомби, мораше да потврди дека постојат такви писма и дека истите се на англиски јазик. Зоран Заев прифаќа дека е можно странски служби да стојат зад целата оваа приказна. Неговата соработка со странски разузнавачки центри, е она што најмногу беше осудено од јавноста изминатиов период.

Грците не губат време да лобираат против Македонија

Додека Заев и штети на Македонија, Грците на губат време во намерата со кризата креирана од СДСМ да лобираат против нашата земја на меѓународната сцена.

Во нападите насочени кон премиерот Никола Груевски поради непопустливоста пред грчките барања се приклучи и солунскиот митрополит Антимос, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Среде црква, за време на неделната литургија, Антимос изрази големо незадоволство од реафирмацијата на црвената линија на ВМРО-ДПМНЕ за името и идентитетот од страна на премиерот Груевски. Тој и порача на грчката влада да не се труди попусто да предлага мерки за градење на доверба, бидејќи македонскиот премиер јасно ја отфрлил можноста за менување на Уставот и за прифаќање на предлози што го загрозуваат македонскиот идентитет – нацијата и јазикот.

- Ако ние се прашуваме, ние би рекле не се обидувајте и не се мачете. Не постои начин да изградите такви мерки", порача Антимос и уште еднаш ги прекори Грците кои што оделе да трошат пари во Македонија.

Со несмалено темпо продолжуваат и критиките на грчките медиуми насочени кон политиката на премиерот Груевски за заштита и промоцијата на името и идентитетот. Весникот "Димократија" во анализа посветена на аферата "Пуч", ВМРО-ДПМНЕ ја опишува како партија со националистички карактеристики, а на премиерот Груевски му се замерува, затоа што водел политика со којашто ги стимулирал македонските карактеристики на народот и поставувал споменици на македонските херои.

- ВМРО-ДПМНЕ ја води власта во земјата од 2006. Веднаш по преземањето на власта, Груевски ја имплементираше политиката на антиквизација, насочена кон стимулирање на македонските карактеристики на славомакедонскиот елемент, претворајќи го плоштадот во Скопје во парк од статуи од хероите на нацијата", се вели во анализата на "Димократија".

Во меѓувреме се чини дека Грците не губат време во намерата со кризата креирана од СДСМ да лобираат против Македонија на меѓународна сцена. Грчки дипломатски извори за државната телевизија пред вчерашната средба во Берлин меѓу шефовите на грчката и на германската дипломатија открија дека една од темите ќе биле случувањата во западен Балкан, а акцент ќе биде ставен на политичката нестабилност во Македонија. Ваквата состојба во нашата земја особено и оди во прилог на грчката страна, која што според весникот "Катимерини", исто како и македонската, е под силен притисок од Вашингтон, Брисел и Берлин за интензивирање на разговорите за името.

 

 

Оцени ја веста

24.03.2015 - 18:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега