„Скопје травел маркет“ - Саем за туризам од 25 до 27 април

 

Промоција на домашни и странски атрактивни дестинации за одмор, релаксација и уживање ќе биде само дел од Саемот за туризам „Скопје травел маркет“.

Саемот ќе се одржи од 25 до 27 овој месец, а ќе бидат претставени туристички агенции, хотели, ресторани, кампови, компании за патнички превоз, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, авиокомпании, занаетчиски комори, како и винарски визби.

- Одржувањето на оваа манифестација е поттикнато од фактот дека туризмот е значајна стопанска гранка која има суштествена улога во економскиот развој и преку привлекување нови инвестиции, отворање работни места, промовирање на културните вредности и на природните богатства не само во земјава, туку и надвор од неа, рече Магдалена Хамбова од Скопски саем на средба со новинарите.

На „Скопје травел маркет“ ќе присуствуваат и оператори за верски туризам кои генерално ќе нудат аранжмани за одење на аџилак.

Како што велат од Агенцијата за промоција на туризмот, и покрај кризата зголемен е интересот на земјите за учество на „Скопје травел маркет“. Туристичките агенции веќе најавуваат попусти но и можност на саемот да се прават резервации за претстојната летна сезона.

„Скопје травел маркет“ ќе биде отворен секој ден од 11 до 19 часот, а цената на влезниците е 50 денари. За групна посета на ученици и студенти билетот ќе чини 30 денари. 

најчитано сега