Трето вештачење за сообраќајката на Алачки
Истрагата за тешката сообраќајна несреќа во која на 8 октомври минатата година, на крстосницата на улиците Франклин Рузвелт и Руѓер Бошковиќ во Скопје, учествуваше фолк-пејачката Андријана Алачки, при што загина 76-годишниот скопјанец Киро Д., заглави со вештачењето.
Од Основното јавно обвинителство Скопје за случајот со сообраќајката со жртва за „Вест“ велат дека во текот на истрагата, за овие пет месеци биле направени две вештачења, едно по наредба на Обвинителството, а друго по барање на семејството на починатиот. Но двете вештачењата, појаснуваат од Обвинителството, во одредени делови се разликувале и поради тоа ќе се прави трето супервештачење. Што покажало првото, а што второто приватно вештачење, во интерес на истрагата од Обвинителството, не откриваат.
Сообраќајката, според полицијата, се случила околу 16 часот и 30 минути. Тогаш фолк-пејачката Андријана Алачки, со нејзиниот автомобил „ауди А 4“ удрила во седумдесет и шестгодишниот Киро Д. и тешко го повредила. Со возило на Итната медицинска помош пешакот бил префрлен во болница каде што подоцна починал. За да се утврдат причините за смртта, телото на скопјанецот беше предадено на обдукција во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. По завршување на истрагата, Обвинителството ќе реши дали ќе подигне обвинение против Андријана Алачки и за кое кривично дело ќе ја гони фолк-пејачката.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа