Д-р Хаџи Лега: Законот за абортус е либерален
Новиот Закон за прекинување бременост е еден од најлибералните закони во европските земји, дури и полиберален од претходниот закон што е донесен во 1977 година, изјави во интервју за МИА директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство д-р Марија Хаџи-Лега.
- Разликата помеѓу новиот и стариот закон повеќе би ја дефинирала како осовременување на постоечкиот закон, кој во ваква форма го почитува индивидуалното право на одлука на жената бидејќи е отфрлена точката каде што се бара и согласност од сопругот за абортус, но и дава и шанса на секоја жена да размисли и да потврди дали сака да ја прекине бременоста, вели д-р Лега.
- Промена е тоа што жената треба да потпише барање до докторот кој ќе ја извршува интервенцијата, како и писмена согласност со потпис кој и до сега постоеше. Прекинувањето на бременоста може да се врши во болничка установа која во својот состав има операциона сала односно да исполнуваат одредени стандарди и која што добила одобрение од Министерството за здравство за вршење на дејноста за прекинување на бременост, појаснува Хаџи-Лега.
- Законски воведениот период од три дена и овозможува на пациентката доволно време да размисли за својата одлука пред конечно да ја донесе. Советување постоеше и досега, но на друг начин. Не беше законски регулирано дека докторот мора да го направи, но секоја жена која ќе дојдеше да абортира поминуваше низ комисија која имаше социјален работник, психолог, гинеколог. Комисијата нема улога да ја убеди жената да не ја изврши интервенцијата, но ќе и помогнат на полесен начин да ја надмине таа ситуација зашто интервенцијата е извесен психолошки стрес, да и укажат на ризиците. Овие денови на чекање се во пракса во многу европски земји, рече таа.
Д-р Хаџи-Лега вели дека не знае зошто после новиот закон би се случувало жени да абортираат во нелегални клиники или во странство бидејќи како што беше до сега така ќе биде и во иднина во однос на абортусот, освен новината со трите дена за размислување.
- Зошто би оделе во странство за дополнителен материјален издаток кога истата интервенција можат легално да ја направат кај нас. И таму важи одреден закон, нагласи таа.
- Обемот на работа на Клиниката оваа година е зголемен како резултат на најсовремените услови кои нашата клиника како јавна здравствена установа во моментов ги нуди. Има случаи кога пациенти од приватни здравствени установи се пренасочуваат на нашата клиника, изјави Хаџи-Лега.