Ниту заклучок ниту датум за преговори во јуни - уште еднаш лоши вести за Македонија
Ирското претседателство со Европската унија денеска ги разби сите надежи дека Унијата, по пет позитивни извештаи со препораки на Европската комисија ќе и додели на Република Македонија датум за почеток на преговорите со членство, објавува МИА.
По синоќешните и денешните состаноци на КОРЕПЕР-групата составена од амбасадори на земјите-членки на Унијата, Ирското претседателство објави дека на Самитот на Европскиот совет на 27 и 28 јуни ќе се разговара само за доделување датум за преговори на Србија.
Како што пренесуваат извори од претседателството за МИА, за Македонија на овој Самит нема да има ниту заклучок, ниту датум за преговори. Според Ирците, на состанокот на Советот за општи работи (ГАК) што ќе се одржи во вторник (25 јуни) во Луксембург, министрите за надворешни работи и европски прашања на земјите од ЕУ, во делот за проширувањето на Унијата ќе носат заклучоци само за Србија и можен заклучок за потпишување Договор за стабилизација и асоцијација со Косово.
- За Македонија, ќе кажам дека жалам, но вчера по барање од Комисијата да даде предлог, кај земјите-членки се појавија погледи дека сега не е време оваа земја да се придвижи напред од претходните позиции. Не е тајна дека настаните во земјата меѓу декември месец, минатата година, и пролетва имаа влијание, иако е забележан добар прогрес во нивно решавање. Сепак, за отворање на преговорите се потребни и добри билатерални односи со соседите во што нема прогрес за Европскиот совет да донесе позитивна одлука, вели изворот од Ирското претседателство за МИА.
Според претседателството со ЕУ, на прашањето за доделување датум за преговори на Македонија ќе се навратат наесен, а ќе се решава на декемврискиот Самит на Европскиот совет во рамки на Литванското претседателство со Унијата.
На прашањето дали ќе има каков било заклучок во однос на евроинтеграцијата на Македонија за кој би се разговарало на Советот за општи работи во вторник, а потоа би го усвојувал Европскиот совет, од Ирското претседателство со кус и конкретен одговор - нема да има никакви заклучоци за Македонија.
Ваквиот развој на настаните, се чини, беше очекуван откако и покрај позитивниот Специјален извештај на Европската комисија правен врз база на заклучоците на декемврискиот Самит на Советот издаден пролетва, јавните истапи на бугарски и грчки владини претставници ставија јасно до знаење дека повторно нема консензус и по седумгодишен кандидатски статус и четири позитивни препораки по ред, Македонија, сепак нема да добие датум за преговори за членство во ЕУ.