Македонските превозници нема да плаќаат патна такса во Косово
-Македонските превозници од денеска нема да плаќаат патна такса во Косово. На вчерашната средба помеѓу ресорните министерства на Македонија и Косово договорено е сите видови на превоз на стоки помеѓу Македонија и Косово да биде либерален, пишува порталот Курир.
Според информациите на Курир, на вчерашната средба помеѓу македонското и косовското министерство за транспорт и врски било договорено од вчера од 24 часот да биде укината патната такса за македонските превозници.
Од Министерството со транспорт и врски информирале дека конечно бил постигнат договор кој предвидува од денеска до 27 јуни до 24 часот, сите видови на превоз на стоки помеѓу двете земји да биде либерален, односно без режим на дозволи и без да се наплаќа било каква административна такса, пренесува порталот.
Двете министерства се обврзале во наредниот период да ги разгледаат можностите за потпишување на спогодба за меѓународен патен превоз помеѓу Македонија и Косово.