Македонските судии ќе разменат искуства со колегите од САД

 

Судиите кои постапуваат по предмети од кривична материја од Македонија, денеска и утре ќе разменат искуства со колегите од САД за практичната примена на законите од областа на кривичното право, на семинар на тема „Улогата на судијата во акузаторната постапка“.

Семинарот е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка  на програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД во Скопје, во рамки на Програмата за партнерство меѓу судиите на САД и Република Македонија, која е финансирана од Стејт Департментот на САД/Биро за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ).

На семинарот ќе присуствуваат судии од кривичните оддели од сите инстанци, од апелациското подрачје Скопје, како и судии од САД кои работат на кривична материја.

Целта на семинарот е преку панел дискусии и презентации да се разменат практични искуства во насока на унапредување на казнениот систем на Република Македонија преку јакнење на улогата на судијата во текот на акузаторната постапка. Американскиот правосуден систем низ искуствата од праксата ќе го презентираат судии од САД, додека националното казнено законодавство ќе го презентираат национални судии.

Семинарот со воведни обраќања ќе го отворат американскиот амбасадор Пол Волерс, претседателката на Судскиот совет на РМ, Александра Зафироска,  претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на РМ, Анета Арнаудовска и судијата на Врховниот суд на РМ и  претседател на Здружението на судии на РМ, Николчо Николовски.

најчитано сега