Далдер: Сеуште нема согласност во НАТО за прием на Македонија
Амбасадорот на САД во НАТО Иво Далдер вели дека во Алијансата се уште нема согласност за прием на Република Македонија, но дека се работи на тоа 28-те земји-членки да се договорат за да се постигне успех по ова прашање. На вчерашната, негова последна прес-конференција од позицијата прв човек на американската Мисија при Алијансата, во организација на тинк-тенкот „Карнеги Европа“ во Брисел, Далдер одговарал на прашања на Македонската информативна агенција.
- Се уште останува одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а повторена на ланскиот Самит на Алијансата во Чикаго, дека поканата за членство до Македонија ќе биде активирана откако ќе биде решено прашањето за името со заемно прифатливо решение. Ние во НАТО работиме според еден голем принцип, а тоа е принципот на консензус и ако го немаме за некое прашање тогаш нема напред во однос на истото, потенцира Далдер во врска со приемот на Македонија во најголемата воено-политичка организација на светот.
На прашањето зошто само Македонија има дополнителен услов за влез во Алијансата, кој гласи „прво променето го името, па ќе ве примиме“, американскито амбасадор со одговор:
- Кога станува збор за прашањето за проширување на Алијансата потребно е членките на НАТО да се согласат. Но, ако нема согласност, тогаш проширувањето нема да се случи. Не станува збор дека 27 земји-членки на НАТО се обидуваат да убедат една друга членка да го промени погледот на некое прашање. Се работи за 28 членки што треба да се договорат за да има напредок по ова прашање, констатира Далдер.
За тоа што тој како предводник на Мисијата на САД при НАТО направил во изминатите четири години од својот мандат за да му помогне на стратешкиот партнер Македонија, која е и трета земја што дава најмногу војници во НАТО-мисиите по глава на жител, Далдер вели дека американската администрација вложила големи напори.
- САД имаа голема задача, а тоа е вложување на силни дипломатски напори, вклучувајќи лица на највисоко ниво за наоѓање на решение со грчката и македонската Влада. Но, за жал таа мисија не успеја! Можеме да нагаѓаме зошто тоа не се случи. Но, на крајот, тоа ние го правевме. Сепак, Македонците треба да продолжат со тоа што го прават. Да продолжат да се развиваат на балансиран начин. На домашен терен и надвор од границите во однос на придонесот во операциите за безбедност како што е Мисијата на НАТО во Авганистан, потенцира американскиот амбасадор во заминување од Брисел.
Далдер избегна да одговори на прашањето на дописникот на МИА дали на НАТО и на САД им е поважен внатрешниот консензус од почитувањето на меѓународното право и одлуките на Меѓународниот суд на правдата кој во декември 2011 година одлучи дека Грција пред пет години не смеела во Букурешт да стави вето на приемот на Македонија, ниту тоа да го прави во иднина. Наместо тоа, тој ја повтори добро познатата флоскула што ја користи генералниот секретар на Алијансата, Андерс фог Расмусен: - Вратите на НАТО остануваат отворени. Но, сите внатре во Алијансата мора да се согласат за некоја земја да влезе низ тие врати. До денеска, не постои согласност. Работиме на тоа, но кога ќе има договор ќе се случи проширувањето. Есенцијално е да се има организација што е базирана на одлуки што се носат со консензус, потенцира Далдер кој во својот говор пред прес-конференцијата ги обвини земјите-членки на НАТО од Европа дека во голем дел не ја исполнуваат да издвојуваат најмалку 1,5 проценти од буџетот за одбраната.
Како што е познато, од 2008 година, Република Македонија ги исполнува сите услови за полноправно членство во Северната алијанса, но само поради блокадата на Грција, стои пред вратите на НАТО, слично како и во обидите да ги почне преговорите за членство во Европската унија.
ИЗВОР: МИА