Новинарката Ивана Костовска не е веќе персона нон грата во Грција
Атина ја укина забраната за влез во Грција на новинарката на „Дневник“, Ивана Kостовска, пишува весникот „Дневник“. Според информациите на весникот, од грчката Канцеларија за врски во Скопје и соопштиле на Костовска дека веќе не е персона нон грата, без да и објаснат зошто пред две недели на граничниот премин Евзони и беше забранет влез во земјата.
- Неофицијалното објаснување на конзулката е дека најверојатно се работело за грешка. Претпоставуваат дека можеби станува збор за друга личност со исто име и презиме, што е необично, бидејќи во документот што ми го дадоа на граница е посочен бројот на мојот пасош. Без оглед што оцената на конзулката е дека случајот имал среќен крај, мислам дека кога некој ќе ве врати од граница, би требало да ви објасни зошто тоа се случило, вели Kостовска, пренесува Дневник.
Случајот со враќањето на Костовска од Евзони, беше повод новинарите од Македонија да организираат мирен протест пред грчката канцеларија за врски во Скопје. Реагираше и македонското Министерствп за надворешни работи, напоменувајќи дека забраната е кршење на основните демократски слободи.