Заевден
Драма во пет чина во следните триесетина дена ќе гледа Македонија. Ако може да му се верува на сценаристот, бомбашката офанзива ќе треба да заврши некаде пред Велигден. Според досегашната практика, тоа би требало да бидат пет до шест прес-конференции. Ако се следи темпото на првата се вкупно јавноста ќе слушне 60 до 70 телефонски разговори. Во меѓувреме Месијата, како што сам се дефинираше -“избран да ја врати демократијата”, или “Оној кој што е”, ќе го проповеда воскресението на СДСМ по медиумските платформи. За да сите заедно на Заевден извикаме -“СДСМ воскресе, ваистина воскресе”. Но, домашниот есап е едно, пазарот е друго.
На “павелшатевска” одамна се скарани со логиката, а деновите е јасно дека им треба екстерно и по математика. А математиката е наука во која нема или-или. Едноставно нема импровизации. Тоа што Заев тврди дека преслушал и селектирал за пет месеци нешто што во реално време трае и две децении, за него можеби е логично. Тој е “избраниот”. А на избраниот може само да му се верува. Туку една друга работа не е јасна. Груевски не е “избраниот” и тој слуша и чита во реално време. Тој ги нема тие надприродни способности.
Ако Заев се уште стои на изјавата од понеделникот, а не слушнав дека ја променил (иако тоа често и интензивно го прави) дека во Македонија биле следени и прислушкувани над 26.000 граѓани по налог на Мијалков и Груевски, (за да ја потенцира масовноста и големината, направи споредба дека на ниво на СФРЈ биле следени околу 15.000 граѓани) мене ме интерсира како тоа изгледа математички. Логиката вели дека некој прислушкува за да слушне кој што мисли и како дејствува. Нели? Ако не го преслуша материјалот, или ако не добие стенограми, чуму тогаш толкаво масовно прислушкување? Заев тврди дека краен корисник на тие матерјали бил Груевски.
Еве како според логиката на Заев, но и математиката тоа изгледа. Таргет групата била составена од политичари на опозицијта, функционери на власта, па преку бизнисмени, свештеници па се до новинари и службеници, се вкупно 26.000. Секој поединец од оваа таргет група во принцип дневно има најмалку десетина телефонски разговори. Но, еве нека просек бидат дневно по најмногу три телефонски разговори. Најминимално да го користеле телефонот е по минута од разговор. Тоа значи дека на крајот на денот на бирото на премиерот секој ден имало папка со 78.000 телефонски разговори или во минутажа околу 78.000 минути. За информација ( на симпатизерите на СДСМ) еден ден во Македонија ( а и секаде во светот) има 1440 минути. Тоа значи дека за еден ден снимен материјал на тие 26.000 лица, од само по три разговори дневно од по една минута, на Груевски му требале 54 дена за да ги преслуша. 54 дена, дење-ноќе без прекин само тоа да го работи. А, материјалите од следниот ден? Па од тој по него? На пример за снимен материјал од еден месец Груевски треба да издвои 4 години, 24/7 за да го преслуша. За да видите колкава логика има тезата на Заев дека власта прислушкувала 26.000 граѓани и тоа секојдневно речиси 4 години, Груевски треба следните 216 години секој ден по 24 часа дневно само тоа да го работи. Тоа е таа логика, која има логика само според математиката од “павелшатевска”. Но, вистинската логика вели зошто некој да прислушкувал 26.000 луѓе, ако не може да ги преслуша снимените материјали?
Добро некој ќе рече дека Груевски не слушал се. Добивал селектирани матерјали. Во ред. Но кој ги селектирал? За да некој ги селектира мора да ги преслуша. Времето е исто. Кои се тие и колкумина се оние што учествувале во тој процес? Петмина, десетмина? Според некои проценки еден човек во еден ден може да преслушува и обработува матерјали најмногу од пет различни лица. Простата математика покажува дека во тој процес требало да има ангажирано најмалку 5000 лица кои само тоа би работеле. Но, внимавајте, не кои било, туку 5000 лица од тешка доверба. А, тоа кошта пари. И најважно од се. Каде тие тоа го работеле, каде ги обработувале сите овие податоци и како тоа никој друг за тоа не знаел, освен Груевски и Мијалков, како што тврди Заев.
Толку за логиката и математиката. Поентата е јасна. Основната цел која треба да се постигне е да се влее страв во јавноста, сите да замолчат плашејќи се дека можеби се во тие 26.000 граѓани, а да се слуша само звукот на експлозиите од “бомбите” со сомнително потекло и сомнителна намена. И се така до Заевден.
Она што единствено има логика и што е факт во целата ситуација е дека лидерот на опозицијата, кој претендира за власт, поседува и има на располагање материјали добиени по пат на нелегално прислушкување. Колку од тие се веродостојни и со каква содржина ќе покаже времето, ако дел од нив се појават во јавност. Но, она што е важно е дека државата мора јасно и недвосмилесно да го утрвди нивното потекло. Во зависност од тоа и одговорноста треба да биде соодветна.
Има и уште едно прашање на кое деновиве никој не сака да одговори. Тоа е поврзано со моралот, но со моралот на лидерот на опозицијата. Дали Заев и натаму претендира за иден Премиер? Не знам дали Заев ја сфаќа тежината, но неговата политичка кариер мора да заврши овде. На Заевден. Без разлика каков ќе биде исходот од оваа приказна. Ако држи до моралот де…
Марјан Николовски – Новинар
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа