Демонстрантите ја менуваат тактиката - навистина необична форма на протест на Таксим
Откако турската полиција во саботата ги забрани протестите на плоштадот Таксим во Истанбул, синоќа на тоа место се одржа необична форма на протест, пренесува БТА.
Момче со бела кошула и црна чанта неколку часа стоеше на плоштадот „Таксим“. Момчето остана неколку часа свртено со лицето кон културниот центар „Атататурк“ на речиси празниот плоштад, без да презема никакви дејствија. Подоцна дојде полицијата и го претресе момчето и ранецот, но не најде ништо сомнително.
Момчето продолжи да стои мирно. По некое време околу него се собраа стотина лица и почнаа да стојат без да се движат и зборуваат. Полицијата интервенираше и ја растера групата. Сепак, момчето остана да стои на плоштадот, сам заедно со новинарите кои го фотографираа.
Станува збор за Ердем Гундуз. Актерката Рукен Демирер изјави дека „застанатиот човек“ е нејзин состанар. Според актерката, момчето во период од еден месец секоја вечер ќе стои на Таксим во знак на солидарност со демонстрантите во паркот Гези.
Во ранецот на момчето се наоѓале само вода и бисквити. Рукен ги повика граѓаните за вечер да му донесат само вода и бисквити.