Доцнење, отсуства, неодговорност - еве кои неправилности се регистрирани во јавните здравствени установи

 

По извршениот вонреден инспекциски надзор во петокот, од 14 до 15:30 часот, во однос на почитувањето на работно време на вработените во повеќе јавни здравствени установи констатирани се повеќе неправилности. 

На денешната прес-конференција директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Џевџес Шаќири информира дека инспекциски надзор е извршен во Клиниката за дерматологија, за гастроентерохепатологија, за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, за ревматологија, за очни болести, за неврологија, во Стоматолошкиот клинички центар, во Клиниката за уво нос и грло и во ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“. 

- Од извршениот увид, непочитување на работно време од страна на вработените во јавните здравствени установи е констатирано на Клиниката за дерматологија, Клиниката за ревматологија и Клиника за гастроентерохепатологија. Во останатите Клиники (ОРЛ, Стоматологија, Неврологија, Очно, Ендокринологија и ГОБ „8-ми Септември“) констатирано е почитување на работно време на вработените. При овие вонредни надзори, покрај отсуство на вработени, констатирано е и отсуство на дел од менаџерите во неколку ЈЗУ, рече Шаќири. 

Тој информира дека по направениот надзор во Клиниката за дерматологија, од вкупно 68 вработени во петокот, по распоред требало да биде присутен 41 вработен. При контролата констатирано е дека не се присутни двајца вработени, шалтерски службеник и транспортер.  

На Клиниката за гастроентерохепатологија извршен е надзор на А,Б,В оддел, како и специјалистичко-консултативен дел од четири ординации и ендоскопска сала. Констатирано е отуство на вработен во одделот за финансии, одговорен за електронската листа за редовност. Со цел проверка на присутните вработени,  доставен е список за своерачен потпис каде се евидентирани присутни вработени по оддели.

- На Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања сите вработени  се затекнати на своите работни места, потенцира Шаќири. 

На Клиниката за ревматологија во периодот на вонредниот инспекциски надзор не биле присутни доставувач, секретар  и сметководител. Клиниката за очни болести била посетена во 14 часот, во амбулантите и во кабинетот на директорот, како и одделот за стационирање на болни. Согласно распоредот сите вработени во време на увидот биле на своите работни места. И Клиниката за неврологија била посетена во 14 часот, на сите оддели и тоа одделение за неврофизиологија, амбулантата и административниот дел. Согласно распоредот сите вработени во време на увидот биле на своите работни места, додека хигиеничарите и болничарите биле 30 минути на своите работни места пред останатиот медицински персонал. Во Стоматолошкиот клинички центар од вонредниот надзор констатирано е дека сите вработени по распоредот се присутни и се затекнати на нивното работно место.
 
На Клиниката за уво нос и грло, од извршениот увид во електронскиот систем за следење на работното време констатирано е дека на УК за уво, нос и грло на работното место биле затекнати 52 вработени лица, а слободни по основ на дежурство се 6 лица. Две лица од вработените се ослободени од страна на директорот на клиниката, по нивно барање. Сите лица што биле електронски евидентирани, биле на работното место.

Во вонреден инспекциски надзор извршен во четвртокот од 17:30 до 20 часот, во ГОБ 8-ми Септември  во моментот на инспекцискиот надзор не се констаирани неправилности согласно Законот за здравствена заштита, Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита од пушењето и Законот за заштита на правата на пациентите. Сите вработени се затекнати на работните места, без исклучок. Во врска со функционирањето на „мој термин“ увидени се на вратите на амбулантите истакнати ажурирани листи со шифрирани податоци на пациенти, како и распоред на лекари кои ординираат со работно време.

Шаќири најави дека ДСЗИ продолжува со засилен интензитет да го контролира спроведувањето на законските прописи во областа на здравството со цел градење на  здравствен систем во кој пациентот е во центарот на вниманието на здравствената администрација.

- За сите констатирани непочитувања на работното време од страна на ДСЗИ ќе бидат известени директорите на здравствените установи, додека за непочитување на работното време од страна на директорите ќе биде известен кабинетот на Министерот за здравство, рече Шаќири.

најчитано сега