Од пијанка право на крадење - бесни тинејџери го опустошиле Охрид

Oхриѓаните Ж.П.(18) С.Б.(16) Н.М(17) Т.Ј.(18) и Ф.З.(15) заработија кривични пријави поради сомнение дека извршиле четири кражби, информираат од СВР Охрид.

-Се работи за лица кои по претходен договор, на деветти овој месец  околу 23 часот од кабарето „Фејмос“ лоциран на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид одзеле поголемо количество виски, вотка, пиво и други алкохолни пијалоци. Тие, откако не успеале со физичка сила да ја отворат вратата од помошните простории, пронашле шипка со која при повторниот обид успеале да влезат во кабарето и да ги одземат алкохолните пијалоци. Притоа, тројца од пријавените се распоредиле по скалите околу кафе барот и внимавале да не наиде случаен минувач, а двајца ја употребиле шипката за насилно кршење на влезната врата, информираат од полицијата.

Петмината пријавени ги земале алкохолните пијалоци и се упатиле кон полигонот за мали спортови на улицата „Ванчо Николески“, каде ги испиле и се довеле во алкохолизирана состојба. 

 Ж.П.(18) С.Б.(16) Н.М.(17) ноќта помеѓу 4. и 5. јуни, ја ограбиле стакларата „Мише инжинеринг“ на улицата „Гоце Делчев“. Тие со скала се качиле на поткровјето, влегле внатре во стакларата и украле повеќе кабли, машинка за мешање гипс, бор машина и други предмети. Следната вечер, тројцата натрапници ја ограбиле трафиката на булеварот „Туристичка“. Тие провалиле во трафиката, земале десетина штеки цигари и помала сума на пари. Но тука не завршил нивниот поход, па  ноќта помеѓу 12. и 13. овој месец, разбојниците ја ограбиле продавницата „Шљус“ во селото Ботун каде провалиле и украле десеттина шишиња коњак, мастика, енегетски пијалоци и повеќе  картички ваучери од Вип и Космофон.

Поради инволвираност на малолетни лица, за сторените казнени дела навремено се известени службите во центарот за социјални работи. Од полицијата информираат дека разговорите со малолетниците се извршени во присуство на нивните родители.

најчитано сега