По победата на Сириза: Дали домино ефектот ќе го зафати и Балканот

Радио слободна Европа - Прага

По историската победа на грчката левица собрана околу коалицијата Сириза, која ќе има мнозинска власт во парламентот на таа земја, се поставува прашањето дали ехо триумфот ќе ги зафати земјите на поранешна Југославија. Некои политички функционери во Србија во овој настан гледаат знак дека е време партискиот курс да го насочат кон лево, но познавачите на приликите предупредуваат на можна злоупотреба на идеите на Сириза во дневнополитички цели.

Колку ехото на партизанската класика Бела чао, со која симпатизерите и членовите на Сириза ја прославија победата на својата политичка опција и отворање на нова страница во историјата на Грција, како што го формулираше лидерот на коалицијата Алексис Ципрас, ќе допре до другите делови на Балканот? За сега може да се каже дека победата на Сириза ќе ја поздрават и левичарите надвор од границите на Грција.

Левиот самит на Србија – мрежа која ги собира левите организации, работниците, студентите и теоретичарите, внимателно ги следеше грчките избори. Милош Баковиќ Јаџиќ, член на Левиот самит, вели дека победата на Сириза е добра порака за новата левица. Сепак, додава тој, Грција има долг континуитет на борбата за левичарските идеи, па не треба да се очекува дека нешто слично тука ќе се случи преку ноќ.

- Можеби сеуште не е време за толку организирана партија, но секако е време за едно лево движење кое би донело алтернативна политика. Најважно е да се покаже дека постои искрена желба таму да се спроведат промени и да можеме сите во регионот да кажеме дека има смисла тој слоган дека победи надежта и дека врз тие темели можеме да градиме нешто слично и тука – вели Баковиќ.

Некои аналитичари и познавачи на приликите победата на коалицијата на радикалната левица ја гледаат како начин политиката која ја спроведува оваа коалиција да се прошири на другите балкански земји.

Филозофот Сречко Хорват смета дека Сириза и пред оваа победа била потстрек за јакнење на левите алтернативи на просторот на поранешна Југославија и дава пример на Словенија, каде во парламентот влезе младата партија Здружена левица, на чие основање беше Ципрас.

- Живееме во услови на глобален капитализам, така проблемите со кои се соочуваме на секојдневно ниво во политиката и општеството се проблеми кои постојат и во Србија и во Хрватска и во Грција. Една од првите мерки која всушност може да се рефлектира и на земјите на Балканот е заговорање на Сириза и нејзините економисти во ЕУ да се одржи конференција за долгот, по пример на славната конференција од 1953 година во Лондон, кога на Германија и биле простени 70 отсто од долгот – истакнува Хорват.

Тој додава дека политиката за борба против мерките за штедење, која ја застапува Ципрас, исто така е нешто што би можело да се пренесе на екс Ју просторот.

Од друга страна, Александар Стевановиќ од Центарот за слободен пазар смета дека Грција и Србија се наоѓаат во различни состојби, па не гледа ни место за економски потези кои ги најавува Сириза.

- Кај нас левичарските идеи се дисперзирани на многу партии. Би рекол дека и владејачката партија има многу левичарско во себе. Така не можам ексклузивно да кажам дека кај нас нема левичарски идеи во многу партии кои се сега на власт или дури во опозицијата. Ние имаме и премногу левица во многу аспекти од нашиот јавен живот – вели Стевановиќ, и додава:

- Друга работа, за да имате некоја старовременска левица како што е Сириза, мора да имате солидарност во темелот на општеството, а кај нас таа за жал целосно изумре. Така не е добар контекст да имате такви партии.

Опасност од киднапирање на Сириза

Судејќи според моменталната состојба на работите во Србија, се чини дека на политичка сцена всушност се консолидира само десницата, која се собира околу Санда Рашковиќ, лидерка на Демократската партија на Србија.

Во меѓувреме, конзервативната напредна власт, помогната од социјалистите, спроведува рестриктивни мерки за штедење, приватизација на јавните компании, на што претходеше донесување на контроверзниот Закон за труд.

Но, одговорот на парламентарните партии, кои барем начелно се на левиот спектар, не е премногу силен. Опозициската Демократска партија, инаку членка на Социјалистичката интернационала и самата во време додека беше на власт повеќе беше кон политика на центарот, па дури и се придвижуваше и кон десниот спектар.

Борислав Стефановиќ, шеф на пратеничката група на демократите, вели за РСЕ дека ДС својата политика моја да ја сврти кон лево.

- Факт е дека целата политика на мапата на Балканот и на јужна Европа ќе доживее значајни промени. ДС мора да има одговор на тоа. Сигурно ќе дојде до консолидација и реорганизација на левицата. Кога го велам ова, мислам на левицата во поширока смисла: тука спаѓаат и социјалдемократите и разни социјалисти, дури и социолибералите. Тој фронт треба да биде што поединствен и не треба да ги исфрлува луѓето затоа што некој се разликува во однос кон компаниите. Сите кои се социјални либерали се добродојдени во тој фронт – вели Стефановиќ.

На новоизбраниот премиер на Грција, меѓу првите од Србија му честиташе Александар Вулин министер за труд и претседател на Движење на социјалистите, кој со Ципрас во Белград се состана кон крајот на минатата година. Во таа прилика првиот човек на Сириза се сретна и со лидерот на СПС и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, чие лево политичко кредо се губи во конформизмот на дневната политика кое го одржува во цврста коалиција со меката десница на Александар Вучиќ.

Сречко Хорват предупредува дека постои опасност дел од партиите да ја киднапира програмата на Сириза.

- Се работи за тоа дека на пример Вулин кој го дочека Ципрас во Србија, е министер во министерството кое донесе еден од најлошите закони за труд во последните години во Србија. Токму тие партии кои сега слават победа на Сириза во пракса ги спроведуваат сите тие мерки кои целосно се во спротивност со точките од програмата на Сириза. Тоа е опасно, бидејќи многумина сега ќе се обидат да ја искористат Сириза за сопствени локални цели кои според мене, немаат врска со вистинската лева политика – вели Хорват.

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега