Иванов:Европскиот совет да најде начин Македонија да ги започне преговорите

Македонските граѓани очекуваат Европскиот совет да најде начин Македонија да ги започне преговорите за членство. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа, е порака до европските партнери што вечерва ја упати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на приемот на дипломатскиот кор во Република Македонија во Крушево.

Оваа 2015-та, нагласи претседателот Иванов, се навршуваат и 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија за членство во Европската унија исполнети со реформи, работа и цврста увереност во нашата европска иднина, но и со непринципиелни блокади на нашиот пат.

- Се покажа дека блокадите предизвикуваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Станавме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада. Нашата цел не е да бидеме товар, туку да придонесеме кон успехот на европското и евроатлантското семејство во кое ја гледаме нашата иднина. Затоа, продолжуваме да негуваме пријателски односи со вашите држави, да развиваме уште поповолна бизнис-клима и поконкурентна економија заснована врз знаење и одржлив развој. Продолжуваме да градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија со производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар, нагласи претседателот Иванов.

Во ова време на неизвесност, дециден е Иванов, Европа и светот треба да останат доследни на принципите на меѓународното право.

- Право кое ги гарантира демократските вредности и границите на слободата кои се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство, рече пред дипломатите во Крушево претседателот на Република Македонија.

Како што ја започнуваме втората година на членството во Советот за човекови права на Обединетите нации, истакна, ќе продолжиме да ги браниме човековите права и слободи и правото на човечко достоинство насекаде во светот.

- Ќе продолжиме да го нудиме решението – дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста. Цврсто веруваме дека така ќе успееме да обезбедиме мир за сегашните и посигурна иднина за идните поколенија, потенцира Иванов.

Тој потсети дека токму во Крушево, беше напишан и Манифестот чии идеи и вредности ја надживеаја краткотрајната Крушевска Република. Тоа е манифест на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот преку почитување и прифаќање на различноста.

- Во сржта на оваа традиција, која и ден-денес ја применуваме во Македонија, е увереноста дека треба да се однесуваме кон другите онака како што сакаме и другите да се однесуваат кон нас. И токму овие вредности се загрозени во кризните региони што не се далеку од нас, рече претседателот Иванов.

На почетокот од обраќањето, Иванов го спомна заветот на Гоце Делчев кој подразбира дека културниот натпревар се води со јазикот и творештвото, творбите и книгите.

Идеологот на македонската ослободителна борба, Гоце Делчев, потсети, ги имал на ум токму овие плодови на слободата кога рекол дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите.

Од неговиот завет произлегуваат и принципот на отвореност кон сите во македонската надворешна политика и нашата посветеност кон регионалната соработка и добрососедските односи со сите наши соседи.

- Залудно некои предвидуваа дека дигиталната доба ќе значи крај на книгата, бидејќи книгата преживеа, но не само материјално – на хартија, туку и дигитално – во пиксели. Од неодамна, Република Македонија почна да ги дигитализира своите книги, истакна Иванов и додаде дека затоа, како претседател на Република Македонија, со големо задоволство прифатил да биде покровител на проектот „Македоника“, што има за цел да ја продолжи македонската традиција и преку интернет да го сподели со светот највредното од Македонија.

Претседателот на Република Македонија им се заблагодари на присутните дипломати за професионализмот и посветеноста во нивната мисија – промовирање на разбирањето и продлабочување на соработката на вашите држави со Република Македонија.

Амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Стефано Лазарото изрази благодарност за поканата на овој традиционален прием, што секоја година, подвлече, ни овозможува да уживаме во ваше друштво и да станеме повеќе запознаени со различни региони од вашата убава земја.

Со својата позиција на 1.350 метри надморска висина, Крушево е највисокиот град на Балканот и една од најпосакуваните туристички дестинации во земјата, рече доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија, додавајќи оти со нетрпение очекуваат да дознаат нешто повеќе за Крушево. 

- Да веруваме и да се надеваме дека и покрај актуелните тешкотии и тензии во различни делови на планетата, дека новата година навистина ќе биде позитивна и подобра за што повеќе држави и народи, рече амбасадорот Лазарото.

Традиционалниот прием по повод новогодишните и божиќните празници за членовите на дипломатскиот кор во 2014 година беше приреден во Гевгелија, во 2013 година во Берово, додека во 2012 година во Битола

 

 

Оцени ја веста

23.01.2015 - 20:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега