Македонија на повисоко армиско ниво во „Одлучна мисија“ во Авганистан

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, учествуваше на конференција на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови на земјите-сојузници на Алијансата и 12 партнерски земји, меѓу кои и Македонија, во рамки на мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан, која започна на почетокот на годинава.
 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во фокусот на средбата на армиските лидери во седиштето на НАТО, кој го водеше претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Кнут Бартелс, беше политичката состојба и главните приоритети на новата мисија на Алијансата во Авганистан.
 
За време на состанокот на начаниците на ГШ на армиите на НАТО-земјите и на земјите-партнери се разгледани и плановите и предизвиците во однос на реализацијата на мисијата „Одлучна поддршка, со определување на насоки на делување во оваа година.
 
Во тој поглед, Македонија, која во рамки на претходната ИСАФ-мисија учествуваше со 150 армиски претставници, сега ќе има 38 македонски воени претставници во новата мисија, која вкупно ќе има 12.000 партиципиенти, што е 12 отсто во однос на 100-те илјади војници на НАТО и партнерите во рамки на ИСАФ-мисијата.
 
Она што е важно за македонската армија е што за разлика од претходната мисија во Авганистан, сега Македонија учествува на повисоко армиско ниво, па во рамки „Одлучна поддршка има 18 штабни македонски офицери, а еден од нив е и заменик на командантот на базата во турскиот контингент, кој се наоѓа во градот Каја крај Кабул.
 
Ова значи дека сега Македонија одлучува директно во штабот и никогаш досега земјата не учествувала во толкав број со штабни офицери. Исто така, од оваа, петмина од македонските офицери се во германскиот контингент во градот Мазар-Ел-Шариф, а 13 се во Каја со турскиот контингент. Останатите 20 мировници на АРМ, еден старешина и војници, се во американската база, односно главната команда на НАТО-мисијата во Кабул.
 
- Македонската армија е претставена на далеку повисоко ниво во рамки на оваа нова мисија на Северната алијанса во Авганистан, активно учествува во новата мисија и за разлика од некои земји што по ИСАФ-мисијата се откажаа, Македонија останува со поддршка на процесот за стабилизирање на Авганистан, наведено е на оваа конференција во НАТО.
 
Една од клучните пораки од оваа конференција за мисијата „Одлучна поддршка на началнциите на ГШ беше уверувањето дека и покрај тоа што оваа мисија е засега планирана да трае само оваа година, поради потребите за обука на авганистанските безбедносни сили, речиси сигурно таа ќе продолжи и наредната, 2016 година. Сепак, безбедносните проценки на Алијансата се дека ќе требаат уште најмалку шест до седум години за целосна подготовка на силите на Авганистан да можат самостојно да го обезбедуваат мирот и безбедноста во оваа земја. Најголемиот проблем е да се оспособат авганистанските институции да можат целосно да функционираат, посебно што новопојавен проблем во Авганистан е контролата на воздушниот простор, каде не само што не може да се контролираат цивилните, туку и воените прелети, за што САД издвојуваат огромни средства да го оспособат Авганистан да го контролира и овој простор.
 
Главен заклучок од конференцијата е дека нема стабилност во Авганистан додека не се обезбеди Талибанците и новата Влада да направат стратегиско помирување.
 
На оваа средба, началникот на ГШ на АРМ, Котески, го нагласи придонесот на Република Македонија и активната улога на македонската Армија во новата мисија на НАТО за обука и асистенција на авганистанските безбедносни сили. На маргините на конференцијата, генералот Котески оствари повеќе средби со негови колеги од армиите на земјите-сојузници на Алијансата и на земјите-партнери на НАТО.
 
МИА
 

 

Оцени ја веста

22.01.2015 - 09:42
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега