Учениците се вратија во училишните клупи - наставата стартуваше во училиштата

Најавениот штрајк на просветните работници организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска не се реализира во повеќето општини, додека во дел од општините не се одржува воспитно-образовниот процес. 

Во Маврово-Ростуше, Центар Жупа, Охрид, Дебрца, Кочани, Виница и Старо Нагоричане наставата се одвива без проблеми, додека наставниците во Куманово, Гостивар, Куманово и Струмица се приклучија на штрајкот.

Наставата во сите општински основни и средни училишта во Охрид и Дебрца се одвива редовно и без какви било одложувања.

Советникот за образование во општината Лиле Маркоска изјави дека наставата во второто полугодие започнала редовно и оти образовниот процес се одвива без какви било застои, онака како што било најавено на неодамнешната средба на секретарот на општината со Одборот на директори на училиштата во градот.

Градоначалникот на Дебрца Игор Трајковски за МИА потврди дека наставата во сите 11 училишта што функционираат во рамки на општината започна редовно и се одвива без проблеми.

Неодамна, од Регионалниот одбор на СОНК од Охрид најавија дека во институциите што ги покрива СОНК од Охрид не е формиран штрајкувачки одбор, односно дека членството во Охрид не дава поддршка на најавениот штрајк закажан од раководството на СОНК.

- Нашиот регион се уште стои на ставот на членството дека решение за сите прашања треба и може да се бара по пат на преговори, истакна претседателот на Регионалниот одбор на СОНК од Охрид, Аце Речкоски. 

Наставата стартуваше и во петте основни и двете средни училишта во Кочани. 

- Од обиколката на терен можевме да констатираме дека наставата е започната во редовниот термин. Наставниците и учениците се во училиштата. Проблеми нема што значи навреме е обезбедена нафта за греење, а подмирени се и сите останати трошоци во делот на електричната енергија и превозот на учениците. Најавениот штрајк не е поддржан во кочанското образование, изјави Голубинка Горгиева, раководител на Секторот за општествени дејности во Општина Кочани.

И во општина Виница наставата започна без проблеми во двете основни и едното средно училиште.

Во Штип наставниците не го поддржаа штрајкот на СОНК. Во петте основни и петте средни училишта почна второто полугодие. Единствено, како што информира директорката на ООУ „Ванчо Прќе“, Весна Ничева штрајкува претседателот на регионалната канцеларија во Штип.

- Само тој е вклучен во генералниот штрајк, а за дел од неговите часови веќе обезбедивме замена, нагласи Ничева.

Во Средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, утринава шестмина наставници сакале да штрајкуваат, но откако виделе дека штрајкот не го подржуваат останатите наставници и тие се откажале од намерата. Директорот на СОУ„Коле Нехтенин“, Атанас Крстевски вели дека на наставниците им биле обезбедени услови за штрајк. Тој додава дека во овој регионален центар второто полугодие стартуваше и наставата се одвива без никакви проблеми.

И во Старо Нагоричане, кумановско, наставата се изведува редовно. Во училиштето „Светозар Марковиќ“ каде настава следат околу 100 ученици наставата редовно се одвива. Второто полугодие започна и за речиси 150 ученици од училиштето „Христијан Карпош“ од Младо Нагоричане, а настава следат и учениците во село Драгоманце.

Во Дебар, пак, второто полугодие стартуваше со делумен штрајк. Во гимназијата, според директорот Ќерам Леши, има целосен штрајк, а во најголемата деветолетка која од „Братство-единство“ е преименувана во „Пенестија“ штрајкот е делумен. Директорот на училиштето Рамадан Имери изјави дека половина од наставниците штрајкуваат, а половина не, но нагласи дека воспитно-образованиот процес се одржува. 

Во деветоолетката „Саит Најдени“ наставниците штрајкуваат и настава не се одржува. Од синдикалната организација во ова училиште велат дека наставниците го поддржуваат штрајкот, додека раководството на училиштето информира дека наставата е одржана во првите одделенија. 

Во училиштето „Ристе Ристевски“ во Косоврасти велат дека дел од наставниците штрајкуваат, а дел не. Директорот Шанија Ајроски изјави дека поради тоа што некој штрајкува, а некој  не, има проблеми со наставниот процес.

Според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој денеска ја посети синдикалната организација во кумановското средно стручно училиште „Перо Наков“, почетокот на штрајкот е успешен. Штрајкуваат синдикалните организации на национално ниво, но обвини дека се вршат и опструкции. 

- Сакам да потенцирам дека во најголемиот дел од државата, односно Скопје, Куманово и другите градови од државата ја испочитуваа одлуката на СОНК и се штрајкува во детските градинки, основните и средните училишта, културата, ученичките и студентските домови, рече Неделков.

Во градинките, како што информира, се штрајкува во определена просторија, а децата се згрижени од страна на вработени кои работат по договор на определено време и волонтерите.

- Штрајкот ќе трае колку што ќе има потреба, се додека ресорните министерства не одговорат на барањата, најави Неделков, додавајќи дека од 2 јануари годинава немале повик за средба од надлежните министерства.

Тој најави дека СОНК ќе преземе активности за покренување судски постапки против оние кои ќе се обидат да го попречат организирањето и делувањето на синдикатот. 

Нагласи дека само Советот на СОНК може да ја промени одлуката за штрајк, доколку добие прифатливо решение од ресорните министерства. 

Претседателот на регионалниот одбор на СОНК во Куманово, Селјадин Дестани информира дека во кумановските училишта денеска нема настава. 

Во Липково, пак, надлежните од општината велат дека се штрајкува во пет од шест основни училишта.  Настава се изведува во основното училиште „Дитурија“ и во гимназијата бидејќи вработените не се членови на СОНК, изјави Џевдет Рахмани, надлежен за образование од општина Липково.

Најавениот штрајк започна утрово и во повеќето гостиварските училишта. Учлишните клупи се празни, а повеќето од присутните наставници и друг кадар кои се на работните места, не држат настава.

Според првичните сознанија на претставниците на СОНК, поголемиот дел од наставниот кадар го поддржал и се одѕвал на повикот за генерален штрајк. Од локалната самоуправа пак претходно со соопштение информираа дека наставата во второто полугодие ќе започне според предвиденото и дека тоа било договорено со училишните управи на основните и средните училишта во општина Гостивар. 

Штрајкуваат и наставниците и професорите од Струмица. Тие беа во училиштата, но не предаваа. Според претседателот на СОНК за струмичко-радовишкиот регион Никола Џорлев, се вршат притисоци врз наставниците од Василево и Босилово.

МИА

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 13:46
Фото: 
вести.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега