Денеска ќе биде погребан владиката Кирил
Владиката Полошко-кумановски Кирил денеска ќе биде погребан во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во кумановско Дељадровце. Тоа била последната желба на митрополитот што Синодот на МПЦ-ОА ја прифати на последната седница.
Претходно во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје со почеток во 11 часот ќе се изврши опелото, со кое ќе чиноначалствуваат митрополитот европски Пимен, митрополитот повардарски Агатангел и викарниот епископ лешочки Јосиф, а погребот ќе почне во манастирот во 13:30 часот.
Македонската православна црква прогласи Ден на жалост поради смртта на владиката Кирил. Црковните и државни знамиња во сите храмови на МПЦ во земјава и во дијаспората веќе трет ден се на половина копје.
Верниците од Тетово вчера му оддадоа почит на упокоениот владика во соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ каде беа положени неговите посмртни останки. Пригодна литургија отслужија викарниот епископ Лешочки Јосиф и свештеници од тетовско и гостиварско.
Митрополитот Полошко - кумановски господин Кирил почина по кратко боледување на 11 јуни на 79-годишна возраст.
Владиката Кирил е роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, Преспанско. Средно богословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година се замонашил во манастирот Свети Причеста во Кичево. Студирал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск каде завршил прв степен на студиите. Со недовршен факултет две години потоа бил повикан во Македонија.
Во 1967 година во соборниот храм „Свети Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан во епископски чин. Раководел извесен период со Австралиската и со Американско-канадската епархија. Во 1987 година бил назначен за Полошко-кумановски митрополит.
Коавтор е на монографијата „Почит кон Свети Кирил Солунски-Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим“, Скопје, 1979 година.
По упокојувањето на Архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар Архиепископот Ангелариј времено ја извршувал должноста на архиепископскиот трон.
Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ.
На седница на Синодот заканажа за 19 јуни ќе се избере новиот владика на Полошко-кумановската епархија. Дотогаш со Полошко-кумановската епархија ќе управува архиепископот г.г. Стефан со помош на викарниот епископ Лешочки Јосиф.