Тања Каракамишева: Доста беше од лажни професорски авторитети
“Професорите реално се исплашија од законската обврска за објавување на научни трудови со импакт фактор во реномирани списанија реферирани во најпознатата база на списанија Web of Science. Законската измена направи директен „упад“ во комодитетот и улежаноста на дел од професорите. Удри таму каде што најмногу ги боли.” Вака универтзитетската професорка претставник на граѓанската инизицијатива за поддршка на реформите во високото образование, Тања Каракамишева- Јовановска, во интервју за Прес24 ја објаснува главаната причина за организираниот отпор протиов реформите во високото образование. Каракамишева-Јовановска смета дека токму во губењето на некои лагодни позиции што додега ги имаа професорите, а кои ги користеаа за уцени и на студентите, но особено на помладите колеги професори во напредувањето на нивните кариери, се главната причина за отпорот што го пруижа професорскиот пленум.
- Плус направи градација на бодови кои ќе ги понесе прво, второ, трето итн. наведениот автор што значи дека асистентите или младите доценти, кои под досегашната класична уцена од страна на постарите професори дека професионалната кариера им зависи само од нивните потписи, им пишуваа трудови, а постарите професори само се допишуваа како автори без да прочитаат збор од трудот, сега два пати ќе размислат дали ќе сакаат четирите бода на првонаведениот автор да одат на постариот професор или ќе сакаат да ги стават на своето бодовно конто кое ќе му биде единственото мерило за напредување во кариерата. Собраните бодови, а не полтронскиот однос кон постарите професори, ќе им бидат единствените критериуми за напредување во кариерата, вели Каракамишева-Јовановска во интервјуто за Прес24.
Таа смета дека на македонското високо образование му е потребно итно, без губење на дополнително време справување со метастазираните проблеми пред да се прогласисмрт на организмот.
-Тие велат чекајте потребно ни е уште време, со научни методи да ги разгледаме метастазите, па ако во меѓувреме ни умре пациентот, со примена на научните достигнувања ќе одлучиме дали ни е потребно негово реанимирање, вели униветрзитеткста професорка.
Каракамишева-Јовановска во интервјуто за Прес24 зборува и за суштината на автономијата на универзитетите, за средбите со Претстедателот Иванов, но и за најпроблематичните точки во македонското високо образование.
ПРЕС24: Пакетот закони за реформите во образованието помина во Собрание. Сега се чека потписот на Претседателот Ѓорге Иванов. И Вие како граѓанска иницијатива за поддршка на реформите и професорскиот пленум имавте средба со Иванов, но со различни барања. Тие бараат да не стави потпис на Указот, Вие сметате дека потпис е потребен?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Се работи за концепциски, суштински, длабоки разлики меѓу нашето барање упатено до Претседателот на Републиката за потпис на указот за прогласување на измените и дополнувањата на Законот за високото образование, но и на сите други закони од образовната сфера, и барањето на Пленумот за употреба на вето. Разликите се лоцираат во изворот на нашата различна мотивираност да се започне со надминувањето на бројните проблеми во образовниот систем, но посебно во високото образование. Додека ние со прст ги посочуваме и таксативно ги набројуваме проблемите кои го мачат високото образование, врз основа на илјадници и илјадници случаи од реалниот живот, врз основа на бројните поплаки од студентите од различна природа, врз основа на сé почестите реакции од приватниот, но и од државниот сектор за неквалитетот на студентите со кои тие оствариле контакт при интервјуата или тестирањата, и врз основа на мерливите и објективни параметри за компарабилноста на македонското со европското високо образование, и директно укажуваме дека сите проблеми можат да се решат само со дијалог меѓу професорите, со нивно активно и конструктивно вклучување во процесот, Професорскиот пленум вели повлечете ги законските решенија, ставете вето на законите, нас ни е потребна дополнителна анализа на проблемите. Дваесет и три години им беа малку да направат анализи за проблемите во образованието? И сега, кога власта одлучи сериозно, чекор по чекор, да се справува со проблемите, тие се сетија дека им се потребни анализи за состојбите и за работите во образованието за кои веќе и на смрзнатите врапчиња на гранките им се јасни. Ние велиме итно, без губење на дополнително време да почнеме да се справувме со метастазираните проблеми пред да прогласиме смрт на организмот, тие велат чекајте потребно ни е уште време, со научни методи да ги разгледаме метастазите, па ако во меѓувреме ни умре пациентот, со примена на научните достигнувања ќе одлучиме дали ни е потребно негово реанимирање. Уште колку дојави за продуцирани неквалитетни студенти од бизнис заедницата и од државните институции треба да ни се случат за да ние како академска заедница конечно сфатиме колку се аларманти состојбите во високото образование? Уште колку дојави од студенти треба да допрат до нас за случаи полагање без никакво знаење, со врски, за полагање со високи оценки без студентот воопшто да се појави на испит, за купување на семинарски, на магистерски, па дури и на докторски тези?
ПРЕС24: Но, таквите проблеми треба да ги решаваат надлежните инспекциски служби?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Точно, да, тие треба да ги решаваат овие проблеми. Но, она што се заборава во оваа приказна е да се бара изворот на проблемот, од каде доаѓа проблемот, кој го прави проблемот? Битката со последиците ќе остане залудна ако не го откорнеме изворот на проблемите. А изворот на проблемите се наоѓа кај професорите, не кај студентите. Професорот дава оценки, професорот дава испитен материјал, професорот ги тера студентите да купуваат негови книги, професорот подготвува семинарски, магистерски, докторски тези кои потоа преку посредници ги продава, итн.итн. Значи, одговорноста е кај професорите кои директно се вклучени во таквите криминогени активности, но и кај оние кои молчат, кои не ги посочуваат проблемите иако знаат дека секојдневно се случуваат. Токму ова е клучната причина за формирањето на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование. Токму овој проблем беше и лајт-мотивот на нашата првично објавена иницијатива во која рековме големо „НЕ“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование, „НЕ“ за купените дипломи, „НЕ“ за оценките со протекции, „НЕ“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „ДА“ за знаењето и за квалитетот во високото образование, затоа што тоа е нашата мисија, но и нашата најголема обврска како одговорни чинители во високообразовниот систем. Поради оваа суштинска разлика, ние побаравме од Претседателот на РМ да ги поддржи законите во образовната сфера. Свесни сме дека тие не се идеални решенија, но убедени сме дека се добра стартна основа, полека но сигурно, да се започне со битката за враќање на квалитетот во високото образование. Нашата мисија ќе продолжи и натаму со несмалено темпо сé до постигнување на крајната цел, доближување на квалитетот на македонското образование со европските стандарди за квалитет дефинирани од Европската асоцијација за квалитет во високото образование, но и од другите меѓународни асоцијации. Остануваме конструктивен фактор во реформскиот процес, затоа што знаеме дека тоа е најдобриот пристап во надминувањето на лошите состојби во високото, но и во севкупното образование во земјата.
ПРЕС24: Како и да одлучи Претседателот, сепак во јавноста ќе остане впечатокот на поделеноста на академската зедница. Обидот на Иванов да направи заедничка средба не успеа. Можно ли е оваа поделба во академската заеница да се продлабочува?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: За жал не успеаја сите досегашни обиди професорите да седнат на заедничка маса и искрено, со добра намера да разговараат за сите отворени прашања и проблеми. Пропадна обидот на претседателот на Владата, г-динот Груевски, да се сретне со дел од членовите од Професорскиот пленум, со цел на јавна дебата да се дискутираат сите нивни забелешки и различни мислења во врска со понудените законски решенија. На нивно барање дури бевме дислоцирани од едно на друго место со надеж дека тоа ќе ги смири страстите и дека конечно ќе се случи дебата на која ќе се убедуваме со факти и аргументи, како што доликува на членови на академската заедница. Наместо содржајна и конструктивна средба, Професорскиот пленум одлучи да прифати класичен бојкот на дијалогот како единствено средство за надминување на сите проблеми, целосно повлекување од амандманскиот процес, и директен напад врз реформскиот процес на домашната, но и на меѓународната сцена. Наместо да даваат издржани и конструктивни предлози и сугестии во интерес на својата животна професија, тие одбраа да пишуваат писма до европските претставници каде со класични извртувања на вистината, но и со неточни информации сакаа да добијат некаква европска поддршка!? Значи, одбија дијалог со власта, која до крај остана отворена и транспарентна во смисла што до последно ги повикуваше да даваат предлози и сугестии за подобрување на законите, а прифатија да пренесуваат полувистини, извртени аргументи или целосно неточни информации до европските претставници. Членовите на Професорскиот пленум одбија да учествуваат на средба и кај Претседателот на Републиката, со образложение дека нема што да се среќавале со нас, со Граѓанската иницијатива, затоа што според нивното мислење, ние не сме успеале да убедиме никого со нашите ставови. Дали Професорскиот пленум смета дека „ништо и никого“ се бројните сугестии и предлози кои дојдоа од факултетите и од универзитетите во РМ во насока на подобрување на предложените законски измени и дополнувања? Но, како и да е, старите велат, на човек можеш да му земеш, не можеш да му дадеш ако самиот не сака и нема волја. Граѓанската иницијатива во неколку наврати до сега се има изјаснето дека не е за поделби, дека не сака да создава раздор, од една страна, но и дека го почитува мислењето на секого кој не се согласува со нас, од друга страна. За разлика од секојдневните психолошки притисоци кои се вршат врз дел од нас, секојдневните лични дисквалификации и омаловажувања кои ги трпиме од пишувањата по социјалните мрежи, од текстовите објавувани во порталите блиски до опозицијата, но за жал и од колегите кои се во нашето најблиско опкружување, Граѓанската иницијатива одбива да ги користи истите средства кон своите колеги, во знак на почит на човековото достоинство, толерантноста кон различните размислувања и ставови, и значењето на човековите права и слободи загарантирани со Уставот за секого. Нашата визија беше и ќе остане позитивна, конструктивна, професионална и благородна. Овие вредности никогаш не биле и не можат да бидат основа за поделби и конфликти.
ПРЕС24: Професорскиот пленум најавува продолжување на отпорот, преку граѓанска непослушност, блокади и разни други форми на отпор. Какви се вашите проценки, до каде тој отпор може да оди?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Ќе искористам една реченица од билборд која неодамна ја прочитав на скопските улици, со што ќе се обидам делумно да одговорам на ова прашање. Мислам дека реченицата гласи „Јас одлучувам со колкав грев ќе живејам“...Отприлика во тие рамки се движи и мојот одговор. Граѓанската иницијатива никогаш нема да прифати улица, протести, блокади, бојкот на настава и други слични форми на изразување незадоволство како начин на постигнување на зацртаните цели. Убедени сме дека овие форми на однесување во ниту една област, и во ниту еден случај, не донеле позитивни резултати за никого. Наспроти нивниот отпор, доколку истиот се случи, ние ќе одговориме со конструктивност, максимално ќе бидеме посветени на натамошна анализа на состојбите во образованието, ќе предлагаме решенија, активно ќе учествуваме во процесот на подобрување на состојбите во високото образование, па ако процениме дека е потребно ќе подготвиме и нов закон за високото образование. Академската слобода не е само наше право. Таа е и наша голема одговорност, исто како што и автономијата на универзитетот бара од нас голема одговорност. Во сите документи кои ја разгледуваат автономијата на универзитетот се вели дека автономијата, кога се користи со чувство на одговорност води кон успешност во академската заедница, успешност во раководењето на универзитетите, успешност во одвивањето на наставниот процес, успешност во остварувањето на истражувачката работа, успешност во финансискиот дел. Ако не се извршува со чувство на одговорност, тогаш автономијата се злоупотребува.
ПРЕС24: Главната теза на професорите и студентите од блокот наречен Пленум во отпорот против измените на законите е дека тие се директно кршење на автономијата на Универзитетот. Овој термин честопати се користи како брана од кои било процеси на промени. Што, всушност, е автономија на еден Универзитет?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Автономијата на универзитетот е концепт кој различно е поставен и толкуван во Европа, но и пошироко, поради постоење на бројни сфаќања и теории кои циркулираат во научната мисла. Ваквата шареноликост на ставови, мислења и официјални уставни и законски одредби не е резултат само на различната уставно-правна поставеност на автономијата на универзитетите во земјите, туку и на нивните историски и културни услови во кои автономијата се поставила, градела и развивала. Но, од друга страна, постои едно сфаќање кое е целосно прифатено од сите земји во светот, а тоа е дека автономијата на универзитетите никогаш не значела потполна слобода и потполна независност од јавните власти. Напротив. Автономијата на универзитетот е во директна корелација со јавната одговорност што универзитетите ја имаат кон државата, кон општеството, и кон студентите. Автономијата на универзитетот секогаш била, и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавна одговорност на универзитетите во делот на заштитата и развојот на општеството и на државата, односно заштитата и развојот на јавното добро. Оваа поврзаност е клучна детерминантна за унапредувањето на севкупните состојби како на универзитетите, така и на државата. Но, како ќе се развива и како ќе се зајакне чувството на јавна одговорност на универзитетите ако нивната автономија, поради желбата на универзитетите да бидат оставени сосема сами (како „автономни острови“!?) во процесот на развивањето на високото образование, биде сфатена како пречка за каква било јавна, државна реакција и преземање на одредени државни мерки во насока на подобрување на степенот и квалитетот на јавната одговорност на универзитетите, пред сé, кон граѓаните? Во услови на такво ригидно толкување на автономијата, кое патем речено не е ниту европски, ниту светски тренд, се поставуваат неколку многу едноставни прашања: Кој, наместо државата, може и треба да одреди колкава одговорност имаат универзитетите за добрата, и за вредностите кои (не) ги создаваат, и кој треба да ја утврди одговорноста на секој универзитет, на секој факултет доколку неговите услуги кои ги дава, и неговите вредности кои ги застапува се спротивни на интересите на студентите, и на државата, односно услугите не се на потребното минимално ниво на знаење со употребна вредност на пазарот? Кој, ако не јавните власти, треба да ги утврдат критериумите и мерките за проценка дали универзитетите ги исполнуваат задачите кои државата-јавноста-општеството ги очекува од нив? И, на крај, кој ќе застане како најодговорен субјект за заштита на интересите и на очекувањата што државата-јавноста-општеството ги имаат од високото образование?
ПРЕС24: Дали автономијата на универзитетот, сфатена како апсолутна и неприкосновена категорија, ќе може да одговори на овие современи предизвици во интерес на заштитата на јавното добро? Дали, преку концептот на апсолутна и неограничена автономија, универзитетите ќе можат самостојно непристрасно и квалитетно да ги одредат и проценат вредностите и критериумите за сопствената успешност?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Овие, но и бројни други прашања кои произлегуваат, упатуваат на две клучни констатации околу кои мора да се изгради широк консензус. Првата е дека автономијата на универзитетот не смее да се разгледува, а уште повеќе да се промовира како идеализиран концепт кој не соодветствува со модерната, реална претстава за улогата и местото на универзитетот во современото општество/држава. И втората е дека современиот концепт на автономијата ја сфаќа автономијата како доста променлива и релативна категорија. Воспоставување единствен начин на разбирање на автономијата на универзитетот, како и единствена претстава за различните аспекти од концептот автономија за секоја и во секоја држава е речиси невозможно. Но, она што е можно и прифатливо за сите земји, вклучувајќи ја и Република Македонија, е усогласување на националниот став и поимање на уставно загарантираната автономија на универзитетот со заедничкиот став заземен од страна на сите земји-членки на ЕУ во делот на заедничката политика за високото образование, позната како европски простор за високото образование, дека високото образование е „национална (државна, јавна) одговорност“(public responsibility), и дека земјите-членки на Унијата, и покрај економските тешкотии низ кои минуваат, треба да обезбедат неопходни извори за финансирање, но и континуиран развој на високообразовните институции „во рамки кои се утврдени и контролирани од страна на државните власти“. Европски тренд на размислување за автономијата на универзитетите е дека таа може да биде одржлива единствено преку ефективните механизми на економска одржливост. Во оваа смисла, универзитетите и нивната автономија се високо зависни категории од нивниот капацитет да привлечат пари од различни извори. Современиот концепт на автономен универзитет, всушност, се нарекува концепт на пазарно-ориентирана автономија на универзитетот. Република Македонија мора да го следи овој тренд и да се определи за концепт на автономија на универзитетот која ќе содејствува со глобалните промени на релација држава-високо образование-граѓани. Покрај економската димензија, не смееме да го премолчиме и фактот дека суштината на модерната дебата за автономијата на универзитетот и академската слобода, се врти и околу прашањето за новите форми на одговорност што универзитетите ги имаат кон државата, кон општеството, како и посебна одговорност кон корисниците на универзитетските услуги (студентите). Универзитетите во модерниот свет се рамноправни, а не привилегирани институции во системот. Со оглед на фактот дека современите општества сé повеќе се соочуваат со потребата од постојана промена во различните сектори-економија, пазар на труд, социјален систем, итн., како на национално, така и на наднационално ниво, уште еднаш се констатира обврската универзитетите да се прилагодат во „новата мрежа на односи“, да се редефинираат, да ги прилагодат своите капацитети, услуги, и функции во насока на подобрување на нивниот квалитет, со посебен нагласок на интересите и на потребите на студентите и нивните знаења.
Во прилог на горенаведените констатации е и имплементацијата на актуелниот Болоњски процес, кој, всушност, е идеја и замисла на европските министри за образование. Болоњскиот процес е замислен да биде во функција на создавање/креирање високо европско образование кое ќе биде попривлечно за глобалниот пазар, и поконкурентно на глобално ниво. Дали концептот на Болоња, кој е краен производ на европските министри за образование, како делови од државните власти, значи директно кршење на автономијата на европските универзитети? Секако дека не. Министрите за образование на земјите-членки на ЕУ само се надоврзале на новата улога и позиција на универзитетите во системот, и со предложениот концепт успеале да создадат нова клима на партнерски однос со автономните универзитети.
ПРЕС24: Државниот испит практично беше главниот елемент за организирањето на отпорот против реформите. Колку реално таа реформа е потребна, а колку реално таа е проблематична?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Државниот испит е добар механизам кој треба да се зафати со „лечење“ на најголемата болка во високото образование во РМ, а тоа е добивање универзитетска диплома без студентот да има елементарно знаење. За разлика од формата и содржината на државен испит кој се полага во европските држави, нашата законска формулација е преблага и прилично разводнета, бидејќи основната цел на испитот не е да се види колкав е квантумот, а со тоа и суштинскиот квалитет на студентските знаења по завршувањето на студиите, туку да се провери дали студентот има елементарни знаења. Замислете, за проверка на елементарно знаење на студентите, што е сосема легитимно право на државата да го бара во услови кога е очаен изборот на кадри на пазарот на трудот, се крена на нозе дел од академската, плус дел од студентската заедница. Тие биле против најавените мерки на државата да го стопира ова „лудило“ што владее во високото образование. Наместо да се засрамат од квалитетот што го продуцираат, јавно да се запрашаат имаат ли тие, имаме ли сите ние како одговорни професори вина за ваквите состојби, вложуваме ли доволно во знаењето на нашите студенти, а со тоа и во иднината на новите генерации кои се идни градители на нашата земја, или ги пуштаме низ вода како мачиња по поплава да се снаоѓаат како знаат и умеат, а државата е должна потоа да им најде работа затоа што тоа е нивен проблем!? Наместо разумно делување и освестување дел од професорите решија да протестираат, и со тоа да застанат во одбрана на очајните состојби во виското образование. Ова е навистина преседан кој не заслужува натамошен коментар. Впрочем, граѓаните нека проценат колку воведувањето на државниот испит е потребен, а колку е проблематичен во услови кога работата со квалитетот во високото образование е доведена речиси до дно.7
ПРЕС24: Многумина оценуваат дека кај професорите постои своевиден страв. Што е тоа од што би се плашеле професорите доколку се практикува државен испит?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Мислам дека професорите не се плашат од државниот испит. Незадоволството на студентите кое се појави заради воведувањето на државниот испит беше искористено како одлична можност да се изрази незадоволството на дел од професорите од останатите законски решенија кои немаат поврзаност со студентските протести, иако би требало да имаат, затоа што студентите сериозно се оштетени ако студирањето го поминат со застарени сознанија и литература која никој во светот не ја употребува во високото образование. Професорите реално се исплашија од законската обврска за објавување на научни трудови со импакт фактор во реномирани списанија реферирани во најпознатата база на списанија Web of Science. Законската измена направи директен „упад“ во комодитетот и улежаноста на дел од професорите. Удри таму каде што најмногу ги боли. Плус направи градација на бодови кои ќе ги понесе прво, второ, трето итн. наведениот автор што значи дека асистентите или младите доценти, кои под досегашната класична уцена од страна на постарите професори дека професионалната кариера им зависи само од нивните потписи, им пишуваа трудови, а постарите професори само се допишуваа како автори без да прочитаат збор од трудот, сега два пати ќе размислат дали ќе сакаат четирите бода на првонаведениот автор да одат на постариот професор или ќе сакаат да ги стават на своето бодовно конто кое ќе му биде единственото мерило за напредување во кариерата. Собраните бодови, а не полтронскиот однос кон постарите професори, ќе им бидат единствените критериуми за напредување во кариерата.
ПРЕС24: Има ли политичка мотивација во овој процес, или пак политичките партии од опозицијата го искористија револтот на студентите и професорите за политичко профитерство?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Има од сé по нешто, но она што може посебно да се забележи е дека опозицијата напорно работи во насока на освојување што е можно повеќе политички поени од овие настани. Нормално е да се очекува дека опозицијата ќе сака да го искористи секое граѓанско незадоволство за реализација на своите политички интереси и сопствени агенди, но не е разбирливо ако некој не е свесен дека е искористен за политички цели.
ПРЕС24: Ова е една од покрупните реформи во високото образование. Претходно таква беше процесот на интеграција со Болоња. Денес има различни констатации за тоа дали тој процес повеќе придонесе кон квалитет, или пак го забрза падот на македонското високо образование?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Болоњскиот процес требаше, меѓудругото, да обезбеди подигнување на квалитетот во високото образование заради можноста на професорите да бидат мобилни и да посетуваат странски научно-образовни центри во функција на надградба на сопствените квалитети. Од друга страна, Болоња требаше да го стави студентот во центарот на образовното внимание, да ја зголеми хоризонталната мобилност на студентите, да ги воедначи студиските програми, да обезбеди непосреден однос и контакт со професорите со цел да се тргне митот за професорите дека се недопирливи и големи авторитети за студентите, да ги реши проблемот со „вечните“ студенти, да се зголемат компетенциите и вештините на студентите, но и на професорите итн. Болоњскиот процес е афирмативен и квалитетен доколку се применува на начин кој е зацртан во Декларацијата, односно доколку не се применува во некоја квази форма. Нашата перцепција и реализација на болоњскиот систем испадна македонска карикатура во која на преден план ги исфрли најслабите страни и најболните точки во високото образование. Токму затоа реформата во високото образование треба да стартува час поскоро во насока на отстранување на сите дефекти и аномалии кои се присутни во високообразовниот систем. Оваа обврска бара наша целосна посветеност и искрена намера работите да ги доведеме во вистинскиот колосек. Колку времето ќе минува, толку и ние ќе почнеме да стануваме свесни за значењето на реформата и за нејзиниот ефект врз подобрувањето на вкупните состојби во државата.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа