По цели 68 години Гостивар повторно ќе го празнува Водици!

По речиси седумдесет години, во Гостивар повторно ќе се одбележува Богојавление-Водици. Иницијативниот одбор за обновување на прославата годинава конечно доби благослов да се положи светиот крст во водите на Вардар. Горан Илиески, кој е дел од иницијаторите, потврдува дека во тек се последните подготовки за активностите и се утврдуваат деталите според кои ќе се одвива манифестацијата за Богојавление-Водици, в понеделник на 19 јануари, пренесува Дневник.

-Гостивар, ако не е единствен, тогаш е меѓу ретките градови што не го одбележува Водици. Таа традиција, според некои сознанија, е прекината пред повеќе од 70 години. По повеќе обиди, успеавме да го организираме сево ова, бидејќи градот и православните христијани заслужуваат - вели Илиески.

Од Гостиварската епархија потврдуваат дека се при крај подготовките и оти чинот на положување ќе го изврши митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Според покажаниот интерес, с` поизвесно е дека по светиот крст ќе скокаат триесетина гостиварци, колку што досега се пријавиле, а како што велат од иницијативниот одбор, пријавувањето е во тек и очекуваат бројката да се зголеми.

-За сите учесници се обезбедени пригодни подароци, кои ќе бидат во согласност со духовноста на чинот. Секако дека најсреќниот ќе добие и подароци, кои ги обезбедивме преку донации - вели Илиески.

Обновата на празнувањето на Богојавление-Водици во Гостивар ќе почне со литургија во Соборниот храм „Пресвета Богородица“, а потоа литијата ќе помине низ неколку градски улици (Дебарска, Браќа Гиноски) се до малиот мост кај градската болница. Точно напладне владиката Јосиф ќе го положи крстот во водите на реката Врадар.

Помладите гостиварци со децении го слават и одбележуваат Водици во селата од кои потекнуваат нивните предци, бидејќи во градот не се организрало ништо. Во меѓувреме имало неколку иницијативи, но реализацијата изостанувала.

Kрстот во Вардар последен пат во 1947 година

Никој не може со сигурност да потврди кога последен пат крстот бил „фрлен“ во Вардар и градот го празнувал Водици. Според хроничарот и публицист Kиро Kипроски последен пат тоа било во 1947 година. Од неговите сознанија не е целосно јасно зошто се прекинало со прославата.

Kако повод најмногу се споменуваат два настана. Едниот е дека металниот крст, кој бил положен во Вардар, таа година не е изваден, што според некои верувања, носи несреќа. Другиот настан што се смета за причина за прекинот на традицијата е некаква кавга помеѓу луѓето во тогашниот црковен одбор.

 

 

Оцени ја веста

16.01.2015 - 12:28
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега