Прва средба на партиите од Опозицискиот фронт по локалните избори
Претставниците на Опозицискиот фронт денеска одржаа прва средба после локалните избори, на која се договориле дека тој треба да продолжи да функционира и да анимира што е можно поголем дел од јавоста.
- Имавме можност да разговараме и да се координираме со претседателот на СДСМ, и сакам да ви пренесам дека заеднички став на сите е, дека фронтот треба да продолжи да функционира. Треба да биде посилен, да се обидеме да ја анимираме целокупното опозициско расположение во Република Македонија. Претставниците на партиите кои се денеска тука јавно и отворено кажаа дека остануваат во Фронтот. Ние сите заедно констатиравме дека опозициското расположение во Република Македонија е поголемо од она што е претставено во Опозицискиот фронт. Таквото расположение треба да се анимира и да се приклучат сите други, кои што мислат дека оваа Влада ја води Република Македонија во погрешна насока, рече по завршувањето на средбата претседателот на НСДП Тито Петковски.
Додаде дека по комплетирањето на раководството на СДСМ, после првата седница на Централниот одбор на кој ќе се избере и Извршен одбор, ќе се направи платформа за функционирање на Опозицискиот фронт, во нови услови и во отсуство на неколку политички партии, кои не се повеќе дел од него.
ФОТО: Журнал