Македонски пратеници на семинар во Германија

Македонски пратеници предводени од потпретседателот на Собранието на Република Македонија Сузана Салиу од утре во посета на Германија.

Македонските пратеници до 26. овој месец ќе учествуваат на Семинар за национална безбедносна политика наменет за пратеници во Гармиш-Партнекирхен, Германија.

Целта на семинарот е да се воспостави стратешка комуникација со парламентарните институции во областа на безбедносната политика и да се зајакнат капацитетите за нивно вклучување во стратешкиот дијалог, развој и имплементација на националните безбедносни и одбранбени стратегии, да се идентификуваат, појаснат и расветлат институционалните улоги и мисии, како и да се поттикне транспарентноста на одбранбените планови и политики.

Салиу и пратениците Марјанчо Николов, Тони Трајановски, Ивон Величковски, Цветанка Иванова, Марија Рашковска, Орхан Ибраими, Сафет Бишевац, Тања Томиќ, Димитар Стевананџија, Косана Николиќ Мазнева и Вјолца Мехмети-Нуредини, ќе учествуваат на покана на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“, во  соработка со амбасадата на САД во Македонија.

најчитано сега