Грција се поблиску до предвремени избори

Грција се движи кон предвремени парламентарни избори, откако и денеска парламентот не успеа да избере нов претседател на третото и последно гласање. 

Кандидатот на владејачката коалиција за претседателската функција, поранешниот еврокомесар Сатврос Димас, не успеа да ги собере неопходните 180 гласови за поддршка во 300 члениот парламент, освојувајќи само 168 гласа. 

На првиот и вториот круг, одржани на 17 и 23 декември, 73-годишниот Димас повторно не успеа да ги добие неопходните 200 гласа поддршка. 

По неуспешното гласање премиерот Андонис Самарас предложи предвремените парламентарни избори да се одржат на 25 јануари. 

- Утре ќе побарам од сегашниот претседател да го распушти парламентот и да закаже предвремени парламентарни избори на 25 јануари, изјави Самарас. 

Самарас, исто така, изрази увереност во победата на претстојните избори, пишува грчкиот весник „Катимерини“. - Победата ќе биде наша, изјави Самарас, додавајќи дека луѓето нема да дозволат нивната саможртва да биде потрошена. 

- Земјата нема веќе време за губење, нагласи премиерот, додавајќи дека вистината за напорите на владата за спас на Грција од петгодишната криза ќе биде откриена во предизборниот период.

Според Самарас време е за демократија и одговорност, не за лажги, популизам и политички тероризам. 

Главната опозициска партија СИРИЗА, која се залага за ревидирање на договорите на Грција со ЕУ и ММФ, води според анкетите на јавното мислење.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас изјави дека денешното гласање претставува историски ден за грчката демократија. - Кога мнозинството граѓани се решени да стават крај на политиката на спасувачки договори и мерки за штедење, тогаш пратениците не можат да направат ништо друго, освен да ги исполнат обврските и да се усогласат со желбите на гласачите, истакна Ципрас. 

Еврокомесарот за економски прашања Пјер Московичи изјави дека Грција треба да ги исполни обврските кон Европа и да ги поддржи реформите, насочени кон стимулирање на економскиот раст. 

- Преку овој демократски процес грчкиот народ повторно ќе одлучи за својата иднина. Силниот ангажман кон Европа и пошироката поддршка меѓу грчките гласачи и политички лидери кон неопходниот процес на реформи за поддршка на растот ќе бидат значајни за раст на Грција во еврозоната, нагласи Московичи.

 

 

Оцени ја веста

29.12.2014 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега