За една недела три инвестиции - 2.500 нови работни места во Македонија

За една недела три компании ги објавија своите инвестициски планови за Македонија, две американски и една германска. Вкупно ќе отворат 2.500 работни места, анализира Лидер.

Последен во низата странски инвеститори е „Костал“, групација со седиште во Германија, која оперира со 38 капацитети во 17 држави, на четири континенти. Гигант што вработува 15 илјади луѓе. Се работи за инвестиција од 35 милиони евра, што треба за неколку години двојно да се зголеми, односно да достигне 70 милиони евра. Планиран е годишен извоз од 60 милиони евра, што потоа ќе расте со зголемувањето на производството. „Костал“ со официјално соопштение извести за планираната динамика на најавеното вложување: во почетокот на 2015-та почнува со работа во веќе постојан објект во охридско – струшкиот регион, за по две до три години да се трансформира во целосна гринфилд инвестиција. „Костал“ ќе отвори илјада работни места, при што заедно со инвестицијата на „ОДВ Електрик“, која е веќе во фаза на реализација, ќе ги вратат на Охрид и Струга на мапата индустриски градови. Официјален потпис на договорот ќе се стави во почетокот на идната година.

„Во првите три години ќе има 1.000 директни вработувања и уште многу индиректни вработувања. Заедно со „ОДВ Електрик“, уште еден германски инвеститор што ќе отвори над 1.000 работни места, се очекува да го препородат регионот. Ќе бидат вработени повеќе од 2.000 луѓе, а овие фабрики ќе имаат потреба од соработка со локалните фирми, што ќе значи и повеќе работа за нив и отворање дополнителни работни места“ – објаснува премиерот Груевски. На инвестицијата на „Костал“ и претходеше официјалното потпишување на договорот со американската „Капкон“, компанија која планира да вложи 18 милиони долари во Бунарџик и да отвори 400 работни места. Ќе произведуваат инфлатори за воздушни перничиња за клиентите во Европа.

„Овој производствен капацитет кога ќе стане целосно оперативен ќе вработи 400 луѓе. Ние сакаме да ги прошириме нашите активности во Македонија и да отвориме технички центар, преку кој ќе ги опслужуваме нашите клиенти и ќе им овозможуваме техничка поддршка. Планираме да ангажираме македонски инженери“ – вели директорот на компанијата, Али ел Хач.

Американците во неколку наврати ја посетиле Македонија, детално ја скенирале бизнис– климата, се информирале за даночната регулатива, за работната сила. Станува збор за реномирана компанија која оперира речиси насекаде во светот: во Северна и Централна Америка, Европа, Азија, Северна Африка.

„Оваа инвестиција целосно се вклопува во напорите на Владата за привлекување глобални, реномирани компании, кои ќе направат значителни промени во економијата. Тие промени веќе се случуваат. Странските компании во зоните досега отворија 11.000 работни места, а со најавените странски инвестиции кои со сигурност ќе се реализираат, се очекува да се отворат дополнителни 13.000 работни места“ – вели вицепремиерот Ставрески.

Освен „Капкон“, земјава ја пикираше уште една американска компанија, „Гентерм“. Во март, на површина од 6.400 квадратни метри во ТИРЗ Прилеп, почнуваат со изградба на производниот капацитет во којшто ќе се прават грејачи за седишта и системи за ладење волани. Во првите три години се предвидени илјада вработувања, а потоа се очекува бројката да се искачи до 2.000. Се работи за компанија која оперира во повеќе земји, но со централен погон во Украина. Планот е од овој погон да го префрлат производството во Македонија.

„Компанијата има голем производствен погон во Украна, а ситуацијата таму налага, од логични причини, производството да се диверзифицира и да се има друга алтернатива“ – објаснува директорот на слободните зони, Виктор Мизо.

Во Македонија се градат нови фабрики!

Во слободните зони се градат нови фабрики. На Бунарџик е раздвижено. Багерите го рамнат земјиштето за капацитетот на „Дијатек“, компанија која се занимава со дигитално печатење. Италијанците вложуваат 10 милиони евра, а треба да отворат 200 работни места. Паралелно, активно се работи и на проширувањето на производствените погони на Текнохозе.
„Со ова вложување, вкупната инвестиција ќе достигне 15 милиони евра. Дејноста ќе ја задржиме, но производството ќе се зголеми за четирипати, со што ќе се отворат дополнителни 120 до 130 работни места“ – вели менаџерот на Витек, Џовани Поповиќ.

Огласи за вработување веќе објави германската компанија „Техникал текстил“, за погонот во ТИРЗ Штип. Се бараат ткајачи, машински техничари, бравари, луѓе во секторот логистика. На изградбата на фабриката, која што треба да почне со работа во мај, работи домашна компанија.

„Инвестираме 12 милиони евра, а потоа уште 8. Првично ќе вработиме од 500 до 600 луѓе, а за три години планираме овој број да дојде до 1.000“ – објаснува сопственикот на компанијата, Џенс Ванланд.

Домашна компанија ќе го гради и објектот на КСС во Кичево, американска инвестиција од 20 милиони евра, која ќе донесе од 800 до 1.000 работни места, а Кичево ќе го претвори во град – производител на воздушни перничиња. Компанијата веќе е во фаза на регрутација на својот кадар.

Наскоро е предвидено да почне да се гради и комплексот на групацијата Веибо во Ранковце, односно интегрираната текстилна зона вредна 400 милиони долари, која треба да отвори фантастични 6.000 работни места. Марквард под полна пареа ја гради фабриката во индустриската зона во Велес, Дрекселмајер работи во Кавадарци, Амфенол во Кочани, Кромберг и Шуберт во Битола. Инвестициите се дисперзирани во различни региони, што е многу важно за рамномерен регионален развој.

„Работниците земаат плата, одат во локални продавници, купуваат, трошат, со што се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Позитивните ефекти не се само оние од непосредното вработување“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според статистиката на Народна банка, во деветте месеци од годинава во земјава се влезени странски инвестиции во вредност од 200 милиони и 600 илјади евра, сума еднаква на 80% од вкупните лански СДИ.
Новите градат, старите вработуваат нови луѓе

Додека новите инвеститори ги градат своите капацитети, постојните компании имаат планови за зголемување на бројот на вработени, како резултат на фактот што имаат и повеќе работа.

„Моментално имаме 570 вработени, од кои 565 се од Македонија. Ние пред две години двојно ги зголемивме капацитетите и се надеваме дека до 2016-та година ќе достигнеме бројка од 680 вработени“ – вели првиот човек на Џонсон Мети во Македонија, Џатин Такрар.

„Досега инвестиравме 25 милиони долари, а идната година инвестицијата ќе достигне 30 милиони. Сега имаме 280 вработени, а оваа бројка во 2015-та ќе достигне 350“ – вели директорот на Кемет, Гвидо Галени.

 

 

Оцени ја веста

25.12.2014 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега