Осми македонско - светски Баскерфест на скопските улици

 

Трупата  „II Posto” од Италија со спектакуларен настап во петок во 19 часот на фасадата на Веро центар ќе го отвори осмото издание на Меѓународниот уличен фестивал „Баскерфест“, во организација на  Здружението на граѓани „One way“.

- И годинава покровител на овој значаен уличен фестивал е Град Скопје, кој што е подржувач на Баскерфест веќе осум години ред. Граѓаните на Скопје и годинава, 10 дена, ќе можат да уживаат во спектакуларните акробации на артистите од цел свет. Искуството ни покажа дека концентрацијата на луѓе на улиците на нашиот град, за време на траењето на фестивалот е значително поголема, а поголем е и бројот на туристи, што е причина плус и понатаму финансиски да го поддржуваме Баскерфест, истакна Слободан Ќосев, раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.

Настапот на италијанската трупа е комбинација на акробатски вертикален танц со музика во живо и спектакуларна кореографија индивидуално креирана за секој настап. По свеченото отворање, пред Веро центарот ќе се претстават и преостанатите настапувачи со кратка изведба на своите точки.

Музичката програма оваа година е подготвена од голем број музички бендови, зачинета со ноти на рап, реге, рок и етно музика, а во рамките на фестивалот ќе бидат одржани околу 30 концерти.

Годинава Баскерфест ќе се дисперзира и низ цела Македонија.

- Почнуваме утре на 12-ти  со настапи во Гевгелија, на 14-ти во петок се селиме во Скопје, каде што остануваме до 23-ти, а на 3 јули ќе завршиме во Дојран. На 8. Баскерфест ќе настапат околу 100 артисти од дваесеттина земји. Еден од поспектакуларните настапи покрај настапот на италијанската трупа „II Posto ”, ќе биде и настапот на рок групата „Стар бој“  од Нов Зеланд, група составена од 9 членови која во своите настапи комбинира акробатска кореографија и употреба на пиротехнички елементи, рече Пане Темов од Здружението на граѓани „One way“.

Град Скопје годинава за одржување на фестивалот од Буџетот ќе издвои 900.000 денари.