Цела Босна на нозе - продолжи „Бебешката револуција“ во Сараево
Денеска илјадници Босанци се вклучија во антивладините протести, што траат веќе втора недела, наречени „бебешка револуција“,отпочнати за случајот со тримесечно бебе кое заради недостиг од единствен матичен број не можеше да замине на лекување во странство.
Околу 3.000 лица денеска се собраа во Сараево и ги повикаа политичарите да почнат да си ја вршат работата и да престанат со етничките спорови.
Демонстрациите во Сараево почнаа во средината на минатата недела кога гневни родители го опколија парламентот со барањето законодавците да го донесат новиот закон за ЕМБ, што им е неопходен на граѓаните за да можат да добијат лични документи.
Законот за ЕМБ се одлага со месеци, затоа што партиите на босанските Срби инсистираат двете административни единици (Република Српска и Муслиманско-хрватската федерација) да имаат одделна граѓанска регистрација, а пратениците муслимани и Хрвати се за единствен систем за цела Босна и Херцеговина.