Марјан Николовски: Живеј!!!

 

Ете и Папата кажа дека сме болни. Но, добро е, не стави на куп со сите православни. Тврди дека православието не било во заедничарење со неговиот Престол. Дека не го почитувале како Поглавар на поглаварите. А, ако не го почитуваш, тогаш си болен.

И СПЦ вика дека ние сме болни, бидејќи исто така не сме биле во заедништво. Но, во заедништво со нив. Таа болест во СПЦ ја викаат раскол-шизма. Нешто како шизофренија… Поделеност на реалноста. Општиш со Бога, му се молиш, но всушност сето тоа е имагинација. Привиден Бог. Не е истиот во кој се молат во Белград. Нејсе… Туку, сега кај ние да одиме да се лечиме? Кај Папата? Или кај Пахомије? Наш, или мој термин се закажува во ПОА?

Видовте како Давид Нинов, излечен од српската болест, општи со вселената? Општи ли општи…  Тој општи, а Геро му брои дипломатски успеси. Замислете, Давид Нинов во Грција за време на литургија кажал „Амин” на македонски. Ејјј.. прозборел македонски во Грција. Тоа не е мала работа. Замислете некој му дал право да прозбори на својот мајчин јазик. И сосема логично, тоа е повеќе од доволно за Геро да заклучи дека никој не изгубил ниту честичка од својот македонски идентитет, туку напротив се покажува дека идентитетот се потврдува во заедница со другите. Кои се тие другите? Грчките фашистички попови, за кои Македонците се цигано-скопјани. Заклучок: Македонскиот идентитет се чува со заедничарење со нив. Ти се откажуваш од себе си, а тие ти дозволуваат да им кажеш „фала” на твојот јазик. Може ли некој да смисли поголем шовинизам кон сопственот народ од ова?  Која манипулативна теза е ова човече? Какво време дојде. Давид и Геро да не лечат и од националниот идентитет.

Кога сме кај лечењето на националните чувства, оваа недела предничи Сулејман Реџепи. Тој што во слободно време е Поглавар на ИВЗ. Му здосади да се обелкува како Султан, па решил да се занимава со генетика. Согласно неговите научно-интелкетуални капацитети, МАНУ ќе отвори нова катедра. Катедра за Суљо-генетика.

Пред извесно време слушнав дека еден од професорите на факултетот по новинарство, при Правниот Факултет Јустинијан Први, заминал во пензија. Со тоа веројатно и се отворила можноста за реформа на дел од студиите. Така оди реформата во високо-образовните институции во Македонија. Само кога професорот ќе замине во пензија. Јас немав среќа да ја фатам реформата, бидејќи дипломирав во 2003. Тој во пензија заминал подоцна. Не знам како е сега, но јас за шестка морав да знам дека врв во современите теле-комуникациски системи е телефонот и телеграфот. Да! Предметот се викаше “современи комуникациски системи”.

Минатата недела се дигнаа студентите. Во строј продефилираа низ скопските улици. Во светот нивното будење е демонстрирање на авангарда, на промени, на реформи. Познавајќи ја поставеноста на македонскиот високо-образовен нереформиран систем помислив дека студентите се решени да покажат волја, храброст, потенцијал за реформа… за една нова идеја, за тоа како македонските факултети да почнат да произведуваат наука, а не политички пропагандисти. Помислив дека имаат некоја подобра и поквалитетна идеја од онаа на Владата за испитна проверка на знаењето, па ќе ја понудат како предмет за дебата. Искрено очекував од Ректоратот, деканите, професорите, од министерот за образование, од државата… да побараат одговор на прашањето зошто македонската диплома никој во светот не ја признава? Зошто со македонска диплома в раце од Табановце нагоре секаде и секогаш треба да преполагаш, дополагаш? Таман мислев дека некој ќе се сети јасно да проговори како е можно полесно “да ти даде Натали” на Бинго, отколку да добиеш шанса да останеш на факултет како асистент? Да побараат одговор од МВР за популарните „приватни часови”, за тоа зошто само скриптата на професорот е вредносен учебник?.. За се.. А тие да ти протестирале за професеорскиот мир до пензија. Тоа е македонската студентска авангарда… Завршува онаму каде и што почнува. Во скутот на професорот!

57 дена, 10 часа, 18 минути и 23 секунди, откако Зоран Заев ја грабна бомбата в раце. Исто толку време се заканува дека ќе го извади осигурувачот. Нешто слично како онаа со пијаниот Бугарин кога дошол дома и почнал да и се заканува на жена му. „Ште те буфтам, ште умреш..” и се така цела ноќ. Во еден момент жена му спремна му вика, „ајде бе… е ле ште ме….”, а овој легнат се врти, ја гледа со едно око, полузаспан, дезориентиран.. и горделиво одмавнува… „Живеј”!!!
Времето веќе почна да се мери пред и по бомбата на Заев.

Македонската јавност, деновиве со вознемиреност ги следи состојбите во САД, кои катадневно излегуваат вон контрола. Тие можат да имаат сериозни импликации врз американсото општество. За таа цел, предлагам вонредна седница на МНР со соопштение кое треба да има смирувачки тон.

Отприлика вака некако:

„Република Македонија со посебно внимание и загриженост ги следи настаните во Фергусон. Ги повикуваме сите инволвирани страни на мир и разум, како и на итно отпочнување на дијалог во институциите на системот. Воедно ги повикуваме американските полициски и вооружени сили да се откажат од употреба на прекумерна сила, за повеќе да не ги гледаме немилите сцени кои го нарушуваат угледот на САД во очите на меѓународната заедница. Македонија повторно ја предупредува американската јавност сериозно да ја разгледа судската пресуда за овој случај, затоа што таму лежи потенцијал да се нарушат меѓурасните односи во кревкото американско општество. САД секогаш ќе имаат партнер во Македонија при нивните напори за целосна имплементација на словото и духот на Законот за човекови права”.

Македонскиот амбасадор во САД лично ќе го набљудува целиот тек на судењето.

Марјан Николовски- Новинар
Денешен

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 22:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега