Претседателот Иванов: Македонија е Канада на Балканот
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во канадската општина Маркам присуствуваше на церемонија на откривање на три улици со македонски имиња.
На чинот на откривањето на новите имиња на улиците му претходеше и церемонија на подигнување на македонското знаме пред Граѓанскиот центар на Општината Маркам.
- Македонскиот град Битола е познат како градот под Пелистер. Не случајно, веднаш до улицата „Битола“ има уште една улица со македонски топоним – „Пелистер“. Како во Македонија, така и овде, во Канада, „Битола“ се наоѓа под „Пелистер“. Но, постои една друга, суштинска сличност, а тоа е посветеноста кон мултиетничкиот и мултирелигискиот и мултијазичниот соживот на сите граѓани. Секоја на својот начин, Македонија и Канада, се посветени на моделот на интеграција без асимилација. Модел што е присутен и тука, во Маркам. Модел што ви овозможува вам, Македонците од дијаспората да ги чувате, градите и унапредувате нашите македонски традиции, јазикот, културата. Вие сте сликата за Македонија во Маркам, во Онтарио, во Канада. Вие сте дел од Македонија, како што Македонија е нераскинлив дел од својата дијаспора. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон ова прекрасно место и да ја одржувате позитивната слика за нашата заедничка татковина Македонија, рече претседателот Иванов пред повеќе од 100 учесници од македонската заедница и официјални лица на општината Маркам, присутни на церемонијата.
- Траги од тој македонски придонес има и во Маркам. Впрочем, недалеку од тука се наоѓаат едно основно и едно средно училиште, кои го носат името на мајката на 20 век – Мајка Тереза. Таа се роди и израсна во Скопје, Македонија. Нејзината родна куќа беше опкружена со католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Религиската толеранција во кој таа израсна влијаеше на нејзиниот хуманизам, кој му го подари на светот, рече македонскиот претседател.