ВИДЕО: Вселенската сонда „Филе“ почна да испраќа фотографии од кометата
Вселенската сонда „Филе“, која испиша историја со тоа што за прв пат направи слетување на комета, почна да ги испраќа и првите фотогорафии од површината. Токму тие беа потврда дека приземјувањето на кометата 67 ПИ / Чурјумов-Герасименко, не поминало според планот.
При допирот на сондата со површината, не проработел механизмот за прицврстување, поради што „Филе“ се одбил и завршил стотици метри подалеку од предвиденото место на приземјување. Ова би можело да ја загрози неговата мисија, бидејќи „Филе“ не е стабилно прицврстен за кометата и се наоѓа на непознат терен. Првите фотогорафии покажуваат дека една од трите ногарки на сондата не е во допир со површината.
Најверојатно на новата, неочекувана локација, „Филе“ нема да добие доволно светлина од Сонцето за да ја наполни батеријата која трае околу 60 часа.
„Се мисли дека мисијата ќе заврши кога првичната секвенца од сигнали можеби ќе заврши и батеријата ќе се истроши, но сондата не значи дека е „мртва“ туку ќе влезе во режим на хибернација кога ќе се излади. Така што дури и после неколку месеци, ако се измени соларната ситуација, ќе може да се разбуди“, изјава Стефан Уламец – лидер на тимот задолжен за сондата.
Научниците се надеваат дека информациите од истражувањето на кометата која е стара повеќе од четири милијарди години, ќе откријат детали за настанокот на соларниот систем, планетите, па дури и животот на земјата.
„На некој начин гледаме назад во времето. Што се случило при самиот настанок на соларниот систем и создавањето на планети како Земјата, на која во крајна линија се создал живот. Одење на комета која била тогаш присутна, овозможува да го дознаете тоа, со тоа што ќе погледнете назад во времето во структурен процес кој останал ист од периодот на настанокот,“ вели Иан Рајт – професор по планетарна наука.
Сондата патуваше повеќе од десет години и помина речиси 6 и пол милијарди километри до својата дестинација носена на сателитот Розета, кој ќе продолжи да ја следи кометата Чурјумов-Герасименко. Кометата е со пречник од околу 4 километри, а орбитира околу Сонцето со брзина од 18 километри во секунда.
13.11.2014 - 20:00
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа