Во Битола се одржа семинар за религијата во медиумите

 

Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Центарот за Европски студии во Брисел, викендов одржа дводневен семинар посветен на односите меѓу верските заедници и државата со посебен осврт на религијата во медиумите.

На семинарот учествуваа претставници на пет верски заедници, новинари кои известуваат на религиозни теми и млади верници од неколку градови во државата кои беа запознати со најважните карактеристики, традиција и обичаи што се практикуваат во Македонската православна Црква, Исламската верска заедница, Католичката Црква, Евангелско-методистичката Црква и Еврејската заедница во Република Македонија.

Учесниците на семинарот во Битола посочија дека директната комуникација меѓу медиумите и верските заедници за меѓурелигиски дијалог е од исклучителна важност и таа треба да се негува. На средбата со новинарите во Католичката Црква „Пресвето срце Исусово“, отец Гоце Костов истакна дека соработката и средбите меѓу претставниците на верските заедници и новинарите се од полза на двете страни.

- Другарувањето меѓу претставниците на верските заедници и новинарите секогаш може да биде од корист на двете страни бидејќи на тој начин ние меѓусебно се запознаваме, еден од друг учиме и заеднички придонесуваме за нашето општество. Впрочем, една од првите средби на Папата Фрањо беше токму со новинарите на која тој го истакна заедничкото послание на Црквата и на новинарите, а тоа е да говорат за убавината, за доброто и убавите нешта во светот, посочи Костов.

Католичката Црква „Пресвето срце Исусово“ на Широк сокак во Битола, е единствена на територијата на Република Македонија според својата архитектонска градба, изградена е во 1856 година во барок стил, а по големиот пожар во 1905 година целосно е обновена во готски стил, информираше отец Костов на средбата со новинарите во Битола.

За време на посетата на Храмот „Св. Димитриј“ еден од најголемите објекти на Македонската православна Црква во овој дел на државата, изграден налик на тробродна базилика со импозантен иконостас, Бобан Митевски, шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ потврди дека соработката со медиумите се остварува преку портпаролот на Светиот архиерејски синод.

- Во минатото, во раните деведесетти соработката со новинарите беше на потребното ниво, а потоа во период на превирања во светот и на Балканот тој однос се промени. Ние како Црква сметаме дека треба уште да се адаптираме во насока на професионализација на тој оддел во црквата, но од друга страна и новинарската фела треба да се адаптира кон професионализација во односите кон верските заедници, во смисла, подобро да ја научи структурата, односите, учењето на верската заедница и таквиот професионален однос заеднички да се развива, посочи Митевски.

Дирекната соработка меѓу претставниците на верските заедници и новинарите за позитивна и корисна ја оценија и претставниците на Исламската верска заедница, Евангелско-методистичката Црква и Еврејската заедница во Република Македонија.

- Иако немаме портпарол, сепак секогаш и за секој медиум нашите врати се отворени доколку се спроведува мотото „почитувај да се почитуваш“, истакна Илми Османи, Имам во Хасан Баба Џамија во Битола, изградена во 1522 година.

Сашо Андоновски од Еврејската заедница во Република Македонија предочи дека со новинарите комуницираат и ги покануваат секогаш кога има изложби, промоции на книги, работилници за млади, а две години по ред новинарите ги посетуваат и на Пелистер каде се одржува ликовна колонија. Андоновски потсети дека Еврејските гробишта во Битола датираат од 1457 година.

За време на дводневниот семинар, претставниците на граѓански организации млади верници и новинарите ја посетија и Евангелско-методистичката Црква која во Битола дејствува од пред 150 години, а нивниот нов објект е изграден во 70-те години на минатиот век.

- Овој проект на Фондацијата Конрад Аденауер е многу добар. Преку разговори, преку контактите со новинарите ние подобро се запознаваме и служиме за добробит на целото граѓанство во државата, истакна проповедник Михаил Цеков, кој воедно информираше за активностите на Евангелско-методистичката Црква која припаѓа на протестантските Цркви, и во која меѓу другото се слават светскиот молитвен ден на жените, Мајчин ден, а во октомври и Денот на благодарноста.

За учесниците на семинарот во Битола беа организирани отворени дискусии, предавања за комуникациски вештини и техники за преговарање во насока на јакнење на верскиот дијалог и толеранција, промоција на слободата на изразување, разбивање на стереотипите, меѓуетнички и меѓурелигиски дијалог и плурализам.