Активноста не се најавува со тапани

 

Одговорноста на Собранието на Република Македонија во функционирање на политичкиот систем на државата е голема. Таа е сплет од одговорноста на сите пратеници и пратенички групи, личната одговорност и иницијативност на секој пратеник одделно, законските можности и ингеренции на Собранието, но и на демократската традиција и практика низ последните две децении наназад. Никогаш не е добро да се генерализира и да се даваат колективни оценки, бидејќи тоа е начин на релативизирање на суштинските аспекти и предизвици, но факт е дека до сега граѓаните не гледаа со целосна афирмативност кон работата на Собранието.

Впечатокот за Собранието на Република Македонија секогаш е средна вредност помеѓу впечаток за најслабите и најмалку одговорни пратеници и впечатокот за оние кои навистина добро и одговорни ја извршуваат оваа функција. Мојот впечаток е дека во секој нареден мандат, без разлика на политичките предизвици кои настануваат помеѓу политичките партии, сe е поголем бројот на пратеници кои со чувство на огромна одговорност се однесуваат кон работите што им се доверени во согласност со Уставот и со законите. Но потреба од повеќе и подобро, секогаш има, како во Македонија, така и во веќе подобро развиените демократии на западот на Европа.

Предизвици има повеќе и тоа во разни сегменти и надлежности од работата на Собранието. Тие генерално се во насока на јакнење на законодавната иницијативност на Собранието, зајакнување на следењето на имплементацијата на законите, поголема отвореност и поголемо присуство на пратениците помеѓу граѓаните. Дополнителна можност секако е и искористувањето на авторитетот на пратениците во воспоставување на подобра координираност помеѓу сите различни степени на власта и динамизирање на проектите од суштинско и секојдневно значење за граѓаните.

Без разлика на отсуството на дел од опозициските пратеници, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ има намера во континуитет да работи на сите предизвици кои стојат пред Собранието во наредниот период. Наша цел е да ја доближиме работата до секојдневните потреби на граѓаните и да бидеме блиску до нив за сите реални и можни решенија. И досега сме го работеле истото, впрочем затоа и ја добиваме најсилната поддршка од граѓаните, но во следниот период имаме намера сето тоа да го систематизираме и да го кренеме високо на листата на наши приоритети бидејќи не сме доволно сигурни дека граѓаните секогаш успевале да ги дознаат и да ги видат сите активности на пратениците во своето секојдневно работење.

Функцијата пратеник никогаш не е и не смее да се гледа единствено и само како работа, присуство и дискусии во тек на парламентарните и комисиски седници. Таа е многу поширока и поодговорна. Функцијата пратеник подразбира многу труд и енергија во истражувања и компарации, дискусии и разговори со засегнати страни во сите различни законски постапки, согледување на сите потреби и нивна систематизација во релевантни и остварливи приоритети.

Затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во последните неколку недели спроведува опсежна теренска активност. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа директни посети по сите населени места во Република Македонија. Дваесет тима составени од пратеници имаат план за посета на точно 408 села, односно населени места во државата. Од нив веќе се реализирани посети на повеќе од 280. Ние оваа активност не ја најавувавме на тапани пред да почнеме да ја работиме, туку напротив, ја известивме јавноста откако ја завршивме првата половина од планираните активности. Нашата цел никако не беше да глумиме лажна искреност и близина со граѓаните, како што прават некои други политички партии, туку да разговараме отворено за сите потреби, приоритети и проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Намерата е тоа што до сега сме пропуштиле да го видиме и слушнеме да пробаме да го ставиме во институционална рамка и да пробуваме да наоѓаме решенија за она што навистина е возможно и потребно.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ целосно е посветена на исполнување на програмата и ветувањата со кои сме избрани на последните избори, но во исто време, свесни сме за потребата од континуирано проверување и подобрување на приоритетите и нивната реализација. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има зацртана цел да спроведува и пронаоѓа поинакви и нови методи за континуиран контакт со граѓаните. Ние немаме намера својата работа да ја работиме далеку од очите на граѓаните. Пратениците на нашата пратеничка група, без да прават разлика дали се наоѓаме во предизборен период или не, ќе стојат на располагање на граѓаните за какви било предлози, сугестии, идеи, забелешки и критики.

Можеби полесно е да бидеме затворени во собраниската сала или уште повеќе лесно би било воопшто да не доаѓаме на работа, но ние одлучивме дека ќе го избереме одговорниот начин на вршење на оваа обврска. Се обидуваме да воведеме нови стандарди во извршување на функцијата пратеник во нашата држава, стандарди кои се присутни во поразвиените демократии.

Средбите во населените места се без исклучок за сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или религиска припадност. Ние се сретнуваме со сите, и со оние што не поддржале нас, и со оние кои гласале за други политички опции, но и со оние граѓани кои воопшто не гласале. Поканите се дистрибуираат без исклучок. На средбите во државата се разговара за секоја тема која ги интересира луѓето. Сме зборувале и за национални теми, за локални и месни проблеми, за прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, но и за проблеми за кои се одговорни извршната и локалната власт.

Сите прашања кои се во надлежност на Собранието ќе бидат опсежно разгледани од страна на пратеничката група и за сите нив за кои ќе најдеме начин за решавање ќе бидат процесирани во форма на пратенички прашања, автентични толкувања, амандмански интервенции во законите кои се во процедура или во предлози за измени и дополнувања на законите. Впрочем, низ дискусијата за носење за Буџетот на Република Македонија за 2015 година забележавте дека нашите пратеници детаљно и прецизно се осврнуваа на десетици проекти од регионално, општинско или локално значење. Во исто време најавивме дека најголем дел на пратенички прашања кои нашата група ќе ги постави до Владата на Република Македонија на следната седница најавена за таа цел ќе бидат токму врз база на информациите добиени од граѓаните и врз база на потребите и барањата што тие ги пренеле до нас низ овие посети и средби.

За сите прашања што не се во надлежност на пратениците и на Собранието на Република Македонија се грижиме да бидат информирани надлежните државни и локални органи. Информациите директно ги доставуваме до министерствата или до Општините низ Македонија и за сите прашања кои се реални и за кои може да се пронајде начин за решавање ќе ја следиме постапката до крај. Пратениците од нашата група веќе одржаа повеќе директни средби со Градоначалници и со раководители на државни органи со цел понатамошно проследување на потребите на граѓаните.

Ние сме свесни дека не е возможно да се даде позитивен одговор на секое прашање, ниту, пак, да се реши секој проблем, но со силно темпо и посветена работа ќе покажеме дека сме заинтересирани да помогнеме и да бидеме блиски до граѓаните.

Целта ни е да ја подобриме работата и знаеме дека ќе успееме во тоа.

Автор: ИЛИЈА ДИМОВСКИ ЗА ДНЕВНИК

31.10.2014 - 20:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега