Каде исчезна политиката?
Како се случи есента, традиционално најжешкиот период од политичката сезона, да биде лишена од каква било политичка содржина? Во историјата на современата македонска демократија убедливо никогаш немало поздодевна политичка есен. Се чини дека, небаре, во државава и нема политика, а секако дека како политички настани не може да се наведат почетокот на владината кампања за здрава исхрана или објавувањето на прирачникот на СДСМ за теренска работа.
Единствената причина за овој развој на настаните треба да се бара исклучиво во политиката на бојкот на Собранието од СДСМ. Веќе неколкупати зборував дека оваа партија нема никаква стратегија за своето дејствување, а раководството на оваа партија не знае со што ќе си го пополни утрешниот ден, а камоли, пак, следниот месец или следната година (се разбира, единствено таму се знае како ќе помине вечерта, затоа што таа е резервирана за гламурозни журки и дружење со олигарсите или со дипломатите во најскапите скопски кафеани).
Целокупната стратегија на бојкотот се темелеше (и се темели) единствено на фантазијата дека бојкотот на опозицијата автоматски завршува со нејзина победа при следниот изборен циклус. Логиката изгледа некако вака: „ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите од 1994 година, па потоа победи во 1998 година, а и дел од српската опозиција ги бојкотираше изборите од 1997 година, па како ДОС победи во 2000 година, затоа ако сега СДСМ ги бојкотира институциите, секако дека ќе победи на следните избори, кога и да се одржат“. Бесмислено е да се влегува во „материјална расправа“ со оние што го шират ова мислење. Ниту во првиот случај ниту во вториот случај немаше никаков автоматизам помеѓу бојкотот на опозицијата и нејзината победа, туку и во првиот и во вториот случај се работеше за катастрофални грешки на власта што доведуваа до победа на веќе клинички мртвата опозиција. Во првиот случај, победата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година се случи поради најмрачниот период на современата македонска историја, периодот на приватизацијата. Благодарение на СДСМ и неговата политика на приватизација, во Македонија дојде до целосен колапс на економијата, деиндустријализација и драстичен пад на животниот стандард. Затворените и веќе ’рѓосани фабрички погони низ Македонија се најдобар паметник за владеењето на СДСМ од 1994 до 1998 година, а маката на хронично невработените и стечајците е наш секојдневен потсетник како човековото достоинство може да биде уништено од политиките на неодговорната и забеганата власт. Наедно, пред очите на сите граѓани се одвиваше процесот на прераспределба на националното богатство и дивата првобитна акумулација на капиталот. Во Македонија беше произведена една економска олигархија, под политички диктат на СДСМ, која сѐ уште управува со најзначајните сегменти на македонската економија. Сметката за овие политики на СДСМ дојде во форма на изборниот пораз од 1998 година.
Значи, тука нема никаков автоматизам помеѓу бојкотот на опозицијата и нејзината победа, туку единствено на партијата ѝ беше испорачано мислењето на граѓаните за нејзините политики во овој четиригодишен мандат. За Србија на Слободан Милошевиќ и не вреди многу да се зборува. Во периодот од 1997 до 2000 година, Милошевиќ успеа да предизвика бомбардирање на Србија, губење на Косово и повторно воведување санкции против Србија, па сето тоа им дојде како капак на граѓаните, кои конечно се охрабрија да го соборат неговиот режим по серијата војни, економски санкции, порази и егзодуси на српскиот народ. Дали постоел тука некаков автоматизам помеѓу бојкотот на опозицијата и нејзината победа? Никаков! Како и на Бранко Црвенковски од 1998 година, така и на неговиот политички идол Слободан Милошевиќ му беше испорачана оцената на граѓаните за неговото раководење со Србија.
Другиот аргумент на СДСМ е дека опозицијата со своето присуство и активна работа во Собранието „му дава легитимитет на режимот“, па затоа со бојкотот би се делегитимирала власта на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните ќе им се покажело „грдото лице на власта“. Повторно и тука е целосно промашена темата. Легитимитетот на актуелната влада ѝ го дадоа граѓаните на изборите, а тие можат и да ѝ го одземат на некои следни избори, исто како што граѓаните ѝ дадоа легитимитет на СДСМ да биде стожерна опозициска партија во Собранието. Во моментов не е власта таа што си подигрува со довербата на граѓаните, туку тоа е опозицијата, која ја изневерува довербата на граѓаните со своето неучество во работата на Собранието.
Трето, парламентарната работа е критичната точка каде што се води политика во една демократија. Пратениците на опозицијата го имаат на располагање најгледаниот политички медиуми во државата, собраниската говорница, и таму тие можат секое прашање и секој проблем да ги испроблематизираат и да ги политизираат. Непосредната дебата со пратениците на власта и со владините министри е срцевината на политичкото во секоја демократска земја. Ни прес-конференциите, ни колумните, ни теренската работа не може да бидат замена за политичката дебата што се одвива во Собранието, а најмалку, пак, пишувањето на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер. Опозицијата дури и да има теми што може да го галванизираат јавното мислење не може да поентира, затоа што нема никаде да се соочи со власта. Во македонското собрание тие имаат неброени шанси да го сторат тоа, а да не зборувам дека токму пратениците се најдобри политички работници затоа што нивната дневна работа е единствено фокусирана на политиката и на политичкото. Со продолжувањето на бојкотот на Собранието, СДСМ само тоне во сѐ поголем и поголем заборав, партијата ја губи смислата на своето постоење, а партиските состаноци стануваат сѐ поретки, безначајни и со никаква реална содржина.
Покрај овие проблеми, СДСМ се судира и со две ситуации што ја следат партијата во изминатата деценија. Првата е онаа што е најпроблематична за партијата, а тоа е дека ниту една нивна акција не го предизвикува саканиот ефект од граѓаните. Тие очекуваат дека секој бојкот, протест, демонстрации, улични блокади и други масовни настани ќе добијат на масовност и ќе ја превртат ситуацијата во нивна корист, но граѓаните упорно одбиваат да дадат поддршка на ваквите улични манифестации, па тие брзо пропаѓаат и дополнително ги обесхрабруваат пламените партиски поддржувачи.
Притоа, должен сум да објаснам дека тоа не се должи на пасивноста на македонскиот народ, неговата „поданичка“ и „провинциска“ култура, туку единствено се должи на фактот што граѓаните не му веруваат на СДСМ и не веруваат дека акциите на оваа партија се искрени. Искуството на граѓаните со СДСМ е дека оваа партија многу ветува, но дека кога се на власт не прават ништо за обичниот граѓанин и неговата благосостојба, туку единствено се фокусирани на своите лични привилегии и на зголемување на богатството на олигархијата што самите ја создадоа за време на приватизацијата. Затоа граѓаните, и покрај тоа што многумина од нив одамна се незадоволни од оваа власт или од некои нејзини политики, не сакаат да излезат на улица и со своето учество да му дадат легитимитет на СДСМ. Втората, пак, уште попроблематична состојба на СДСМ е целокупното отсуство на програмски начела, идеологија или платформа што ја врзува оваа партија. СДСМ е партија-наследник на поранешниот Сојуз на комунистите на Македонија, единствената партија на македонскиот тоталитарен комунизам. Македонските комунисти сета своја утописка енергија и идеологија ги потрошија некаде во 1960-тите години, па оттогаш партијата е единствено збирутинка на поединци што ги врзува желбата да опстојат на власт. Во услови на плурализам и на политички натпревар оваа партија не е способна да се снајде. Отсуството макар и на минимална програма и идеологија дополнително ја обесмислува СДСМ и ја лишува од секаква причина за нејзино натамошно постоење.
Затоа јас и понатаму тврдам дека во Македонија нема никаква политичка криза. Институциите си функционираат непречено, а актуелната владејачка гарнитура има јасен легитимитет од граѓаните добиен на демократски избори. Единствено што се случува кај нас се егзистенцијалната криза на СДСМ и прашањето дали оваа партија е воопшто способна да продолжи да постои како организирана политичка сила. Одговорот на ова прашање веројатно ќе ги врати политиката и политичката борба на сцената, но прашање е дали тогаш партиската сцена ќе изгледа вака како што изгледа денес или ќе се соочиме со сосема нова политичка и партиска слика. Дотогаш политиката ќе биде еднакво здодевна и бесмислена како и во изминатите неколку месеци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа