Како да се заштитите од измами кога купувате автомобил на старо

 

Речиси една третина од сите половни автомобили продадени во Германија се поврзани со измами на бескрупулозни трговци, кои ги манипулираат бројачите за поминати километри и ги мамат купувачите на кои им наплаќаат поголеми износи за наводно помала километража, објави германскиот автоклуб АДАЦ.    Купувачите на автомобили се честа жртва на оваа измама со километражата, која тешко се открива особено ако се преправени и документите за автомобилот, предупредува АДАЦ. Според информациите на овој автоклуб, особено погодни за манипулација се автомобилите произведени по 2000 година, кога механичките бројачи за поминати километри беа заменети со дигитални.  Апаратите за ресетирање на бројачите на поминати километри можат да се набават за помалку од 10.000 евра, а тиа овозможуваат за 30 секунди да се преправи „историјата“ на автомобилот, тврди АДАЦ. Уште повеќе, на пазарот можат да се купат и поевтини уреди од Кина.

 

Во Минхен во моментов во тек е судење на трговец со автомобили обвинет дека ги менувал километражниците на десетици луксузни италијански автомобили. Според обвинението, трговецот ги купувал автомобилите евтино, ги преправал и ги продавал по повисока цена.  Во Германија годишно се продаваат милиони половни автомобили, а познат е случајот откриен во 2011 година во Минхен, кога трговец ја спуштил километражата на еден автомобил од 700.000 на само 150.000 поминати километри. Германскиот закон пропишува дека трговецот мора да го земе назад возилото и да му ги врати парите на купувачот, ако тој докаже дека на него се вршени промени за кои не е известен.    АДАЦ ги советува купувачите внимателно да го прегледаат автомобилот пред купувањето, особено ако им се чини дека поминатата километража не е во согласност со општата состојба на автомобилот. Показатели за евентуална манипулација можат да бидат оштетени седишта и патосници во автомобилот.

25.10.2014 - 00:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега