Полски компании заинтересирани за инвестирање во земјава

Полски компании од различни  области покажаа интерес за можностите за инвестирање во Македонија и соработка со македонски компании од повеќе индустрии, на бизнис форумот и економската презентација на Македонија, што се одржува денеска во Варшава. 

На бизнис форумот, организиран со полската Агенција за информации и инвестиции, се обратија македонскиот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски и вицепремиерот и министер за економија на Полска Јануш Пехочински.  Пред бизнис заедницата во Варшава Пешевски   и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски, ги презентираа условите за инвестирање и водење бизнис во Македонија. 

Пешевски во обраќање ја потенцирал отвореноста на македонската Влада кон странските инвеститори и бизниси, нагласувајќи ги досегашните реформи преземени во насока на подобрувањето на условите за инвестирање и водење бизнис во нашата држава,  соопшти кабинетот на вицепремиерот Пешевски.

- Македонскиот економски тим одржа и директни средби со високи претставници на поголемите полски компании кои се занимаваат со бизниси од областа на автомобилската индустрија, производство на разни видови електрични уреди и кабли, кујнски производи, производство на вагони, локомотиви и трамваи, земјоделска механизација, рударска механизација, компании кои се занимаваат со пренос на гас и обновливи извори на енергија и слично. Сите овие компании покажаа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија и соработка со македонски компании од повеќе индустрии, соопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски.

На работна средба со вицепремиерот Пехочински, Пешевски разговарал за билатерланата еконоска соработка помеѓу двете држави.

- Соговорниците со задоволство ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, повеќегодишното пријателство одбележано со динамична успешна соработка и изразија желби за понатамошен поттик за промоција на инвестициите, економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена, се вели во соопштението.

15.10.2014 - 14:13


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега