Путин ќе пристигне во Белград кон средината на неделата

Рускиот претседател Владимир Путин ќе пристигне кон средината на неделата во посета на Белград, трета по ред во изминатите 13 години, пишува белградскиот весник „Политика“, коментирајќи дека оваа посета ќе се одвива под будното око на набљудувачи од целата мнеѓународна заедница. 

Путин пристигнува во Србија на 16 октомври по повод 70-годишнината од ослободувањето на Белград.

„Политика“ нагласува дека Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ, која не вовела санкции против Русија поради Украина, а Западот очекува од Белград попрецизно да избере страна, кога станува збор за украинската криза, односно да се откаже од инсистирањето на балансирана позиција. 

Брисел, Берлин и Вашингтон официјално нагласуваат дека немаат никаков проблем со посетата на Путин на Белград. Неформално сепак можат да се чујат предупредувања дека ЕУ со голема загриженост гледа на зголемувањето на руското влијание не само во Србија, туку и во други земји од Западен Балкан, додава „Политика“. 

Главни теми на средбите на Путин со високи српски официјални претставници се очекува да бидат политичките прашања, но пред се економската соработка меѓу двете земји, кои имаат постигнато спогодба за стратешко партнерство.

Една од главните теми ќе биде и проектот „Јужен поток“, а во врска со тоа српскиот премиер изјави дека неговата изградба во Србија ќе зависи од договорот меѓу Русија и ЕУ.

13.10.2014 - 09:14


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега