Крамариќ: Хрватска ќе и помага на Македонија во процесот на евроинтеграции

 

 

Хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ денеска ја посети општина Битола каде оствари средба со градоначалникот Владимир Талески и одржа трибина посветена на влезот на Хрватска во Европската унија.
 
Амбасадорот Крамариќ на средбата со новинарите истакна дека влезот на Хрватска во Европската унија е значаен за неговата држава, но и за државите од Западен Балкан, посебно за Република Македонија.
 
- Со влезот во Европската унија, Република Хрватска ќе биде продолжена рака на Брисел која низ партнерски односи ќе и помага на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите. Со оглед дека меѓу двете држави нема отворени политички прашања, непречено можеме да се посветиме на стопанските, научните и културните врски и соработка. Со влезот на Хрватска во ЕУ, Македонија добива пријател и глас повеќе во процесот за добивање датум за преговори и во таа смисла може да порачам дека дијалогот е секогаш подобар облик на комуницирање од монологот, рече Крамариќ.
 
На трибината посветена на влезот на Хрватска во Европската унија и историските врски меѓу Хрватска и Македонија, амбасадорот Крамариќ потсети на значајните личности од двете држави кои оставиле белег во минатото и нагласи дека очекува еден ден една улица во македонски град да биде именувана со името на хрватскиот хуманист и покровител на науката Јосип Јурај Штросмаер кој го објави Зборникот на браќата Миладиновци.