Во Охрид одбележана илјадагодишнината од смртта на Цар Самоил
Со пригодна свеченост во организација на локалната самоуправа денеска на Самоиловата тврдина во Охрид беше одбележана 1000-годишнината од смртта на Цар Самоил, основоположникот на првото средновековно македонско царство.
Самоиловата тврдина и артефактите од тој историски период, независно различните толкувања на некои историчари од соседните земји, покажуваат дека Охрид бил главен административен и духовен центар на македонското средновековно царство. Крунисувањето за цар според многубројни познавачи на тој историски период, било извршено на свеченост на крајот на 10 и почеток на 11 век во царската престолнина во Преспа..., а македонската престолнина и патријаршкиот престол од Преспа била преместени токму во Охрид, истакна во обраќањето пред присутните на свеченоста градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Остатоците од цивилизациите во кои опстојувала Самоиловата тврдина се видиливи и денеска и се доказ за нејзиното историско значење.
- Новите научни сознанија покажуваат дека тој го основал македонското средновековно царство и неслучајно Охрид го избрал за негово седиште, истакна Бакрачески изразувајќи уверување дека научниците, настрана од дневнополитички интереси и притисоци, ќе продолжат со истражувањата и на светската научна јавност ќе и ги прикажат реалните и со факти поткрепени сознанија за тој период од богатата македонска историја.
На собирот во Охрид присуствуваше и режисерот Антонио Митриќески кој заедно со продуцентот Дејан Милошески, го најави големиот проект за снимање игран филм посветен на Цар Самоил, копродукција на Македонија, Србија, Англија, Канада и САД.
- Станува збор за историски проект со наслов „Цар Самоил“. За мене како режисер фасцинантно е за мене да се обидам да ги доловам тоа време и таа енергија. Филмот е замислен да ја прикаже главната драма меѓу двата главни лика – Царот Самоил и Василие Втори и нивниот конфликт. Не смееме да заборавиме дека Василие бил еден од најзначајните византиски императори и оттаму уште поголема е силината на Самиол што се дрзнал и успеал да го формира македонско средновековно царство, истакна Митриќески.
Тој најави дека во филмот ќе бидат опфатени многу ликови од семејството на Самоил, неговите ќерќи и син, но и вистинските предавства од страна на Иван Владислав и блиски луѓе од неговото најблиско опкружување.
Филмот ќе се снима на локации во Охрид, на Самоиловата тврдина и на просторот на планината Галичица меѓу Охридското и Преспанското Езеро.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа