Богов: Економијата стабилна - ризиците се однадвор

Македонската економија оствари втор највисок раст на домашниот бруто-производ (БДП) во Европа во периодот од 2009 до 2013 година, а нашата економија е 8 отсто над нивото што го имаше во 2008 година во услови кога најголем дел од европските економии с` уште не можат да го достигнат ниту нивото од 2008 година. И притоа државниот долг с` уште е на умерено ниво, вели во интервју за „Дневник“ гувернерот Димитар Богов.

На три месеци пред истекот на годината, на почетокот од последниот квартал, Богов потенцира дека кредитирањето е на проектираното ниво, а инфлацијата пониска од очекуваната. Ризиците за домашната економија главно се надворешни.

- Македонската економија во првата половина на 2014 година оствари солидна стапка на реален годишен раст од 3,9 проценти, што претставува забрзување на растот по закрепнувањето од последиците од глобалната криза во 2013 година. Исто како и претходната година, главни носители на растот се извозот, инвестициската и личната потрошувачка, а дополнително во првата половина на 2014 година позитивен придонес има и јавната потрошувачка. Движењата во текот на третиот квартал од годината беа исто така позитивни, а се очекува нивно продолжување и во последниот квартал на годината. За в година очекуваниот раст би изнесувал 4,4 проценти. Генерално, во следната година би очекувале континуитет на странските инвестиции, продолжување на започнатите крупни инфраструктурни проекти на државата со предвидената динамика согласно со буџетот, поволни ефекти од позитивните придвижувања на пазарот на труд и растот на платите во јавниот сектор врз личната потрошувачка, како и натамошно интензивирање на позитивните ефекти на новите капацитети со странски капитал.

Има надворешни ризици, цените паѓаат

Главна карактеристика на актуелната економска слика во опкружувањето и во Европа е стагнацијата, во ЕУ заздравувањето е побавно од очекувањата, има притисок и на инфлацијата. Ова нема да биде добра година за европската економија.

- Во текот на 2014 година се покажа дека заздравувањето на европската економија е с` уште бавно и многу кревко. Дополнително, геополитичките настани внесоа нови елементи на листата со потенцијални ризици. Посебно изненадување во вториот квартал беше негативната промена кај германската економија, која претходно покажа најголема виталност во однос на последиците од кризата. Инфлацијата во еврозоната веќе подолг период бележи забавување при истовремено намалени инфлациски очекувања на долг рок. 

Kои се од овој аспект клучните надворешни ризици за македонската економија во следниот период?

- Kлучните ризици за нашата економија се однесуваат на динамиката на заздравување на еврозоната, вклучително и економските изгледи за германската економија како еден од најзначајните трговски партнери на домашната економија. Другата група ризици се поврзани со можните последици од руско-украинскиот конфликт врз цените на енергентите на глобалните пазари и нивниот преносен ефект врз домашните цени. Внимание заслужуваат и ризиците поврзани со регионалното окружување во контекст на последиците од поплавите во регионот врз понудата и цените на храната и енергентите. 

Kаква инфлација очекувате, има ли опасност за надворешен притисок на цените?

- Од почетокот на годинава инфлацијата бележи тренд на забавување под влијание на движењето на светските цени на основните производи. Од април наваму, со исклучок на јули кога беше зголемена цената на електричната енергија, регистрирани се негативни годишни стапки на инфлација, при што просечната инфлација заклучно со август е негативна и изнесува -0,2 проценти. Главен придонес кон намалувањето на инфлацијата имаат цените на храната како одраз на движењата на светските пазари. Следствено, базичната инфлација, која ги исклучува храната и енергијата, во август изнесуваше 0,4 отсто годишно. Движењето на инфлацијата во следниот период останува неизвесно и е главно условено од надворешни фактори на страната на понудата. 

Целото интервју прочитајте го на Дневник 

06.10.2014 - 09:31


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега