Голем број поволности за македонските граѓани со евтините авиобилети

Поголем број на странски туристи и голем број на поволности за македонските граѓани донесе субвенционирањето на нискотарифните авиокомпании од страна на Владата. Евтините авиобилети донесоа поволности и за туроператори кои со авион ќе донесат организирани групи на туристи, пишува Лидер.

Минатата година воздушниот транспорт се зголемил за 18,9% и ја достигна долго посакуваната бројка од над еден милион патници (1.066.628), бројот на воздухопловни операции е зголемен за 10,9% или 11.576 полетувања и слетувања, а за 9% е поголем и карго превозот или 2.449,09 тони производи се трансферирани преку двата аеродрома во земјава.

Како што пишува Лидер, во 2012 година биле евидентирани 11.284 полетувања и слетувања на воздухоплови во патничкиот сообраќај што е за речиси 300 помалку од лани, а тоа значи и 912.691 превезени патници (во 2011 биле превезени 834.958 патници).

-Ваквата динамика продолжи и годинава, а нашите заложби за безбеден, ефикасен, удобен, квалитетен и економичен воздушен транспорт достапен на сите македонски граѓани се уште поголеми и поистрајни. Лани предложивме интермодалитет за поврзување и поддршка за поврзување на железничката станица во Скопје со аеродромот “Александар Велики” и слободните економски зони со цел зголемување на карго превозот, вели Дејан Мојсоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Македонија станува интересна туристичка дестинација

Ако бројките се споредат со претходните години може да се констатира дека Македонија полека но, сигурно е внесена на мапата на светски привлечни дестинации, со воздушен излез кон сите континенти во светот.

И годинава последните податоци покажуваат раст во авиопревозот. Заклучно со август продолжи порастот на превезени патници годинава од 7,2% или вкупно 810.701 патник на скопскиот и 51.422 на охридскиот аеродром.

Само во текот на август биле превезени 84.180 патници при што се забележани вкупно 1.329 полетувања и слетувања.

Растот во авиотранспортот ќе продолжи оваа и наредната година

Од АЦВ очекуваат да продолжи растот во сите сегменти до крајот на годинава, но и наредната 2015 година. Очекувањата се базирани на фактот што Владата има намера и наредната година да субвенционира нискотарифни авиокомпании, а за оваа намена се предвидени средства државната каса за 2015 година.

На почетокот на следната година Владата во соработка со Министерството за транспорт и врски ќе распише нов јавен меѓународен повик за привлекување нискотарифни авиокомпании што ќе летаат од Македонија.

Постоечкиот договор со нискотарифната “Виз ер” е со важност до 21 јуни 2015 година и во конкурентска тендерска постапка ќе се избира(ат) превозници што ќе понудат евтини летови.

Владата продолжува да субвенционира туроператори што ќе донесат туристи со авионски летови.

Од 2015 субвенција од 65 евра за секој донесен турист од САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан и Азербејџан ќе добие туроператор кој ќе обезбеди група која во земјава ќе допатува авионски и ќе престојува најмалку три ноќи.

Досега државата обезбеди субвенции за туроператорите кои носат организирани групи од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати. Од годинава се доделуваат субвенции и за туристи од Кина и Индија.

06.10.2014 - 09:13


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега