Ристовски: Воведувањето посебен испит во високото образование е верификација на квалитетот

 

Целта на воведување посебен испит во рамки на високото образование е да обезбедиме квалитативен филтер кој ќе биде верификација на квалитетот на високото образование во Република Македонија. Станува збор за концепт кој како Министерство за образование и наука го разработуваме.  

Ова денеска го истакна Спиро Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање за неодамнешната најава за новина која се планира во високото образование – државен испит по втора и четврта година на студиите.

Посочи дека разгледуваат повеќе меѓународни и европски искуства во поглед на високото образование кои се во рана фаза. 

- Имаме извршено истражувања и анализи во повеќе земји каде што постои ваков државен испит. Формата и начинот на спроведување е генерално идентична и крајната цел и кај нив е верификација на квалитетот. Сите сме сведоци на бројните шпекулации кои постојат дека многу лесно на определени факултети се добиваат дипломи. Токму тоа беше иницијалната мотивација врз основа на која пристапивме да анализираме и да бараме меѓународни искуства во таа насока, посочи Ристовски на прес-конференција за реализацијата на процесот за прием и сместување на студенти во студентските домови.

Таквото решение, појасни, кое ние го разработуваме, анализираме во оваа фаза и во овој момент, ќе биде предмет на јавна расправа, на дискусија и разговор со универзитетите.

- Во периодот кој следи ќе има бројни анализи, дебати, спротивставувања на аргументи „за“ или „против“. Целта не ни е да се наруши автономноста на кој било од универзитетите, туку целта ни е како одговорна Влада и воопшто институции во системот на Македонија да обезбедиме зголемување на квалитетот на високото образование. Сметам дека во тој дел и универзитетите ќе имаат интерес да спроведеме една заедничка реформа која ќе биде посебен верификациски испит за целокупниот образовен процес на соодветниот студент, рече Ристовски.

Ги повика сите кои имаат каква било идеја со која веруваат дека можат да придонесат за подобрување на квалитетот на високото образование, да понудат решение.

- Како Министерство сме подготвени да ги сослушаме сите кои се директни учесници во овој процес, меѓутоа крајната цел да биде предлози и реформи кои ќе придонесат за зголемување на квалитетот на високото образование, додаде Ристовски.

05.10.2014 - 14:55

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега