Ристовски: Примени се 5.801 студенти во домовите, остануваат уште 155 слободни места
Конкурсот за прием и сместување на студенти во државните студентски домови и другите објекти за сместување за академската 2014-2015 година предвиде вкупно 5.956 слободни места.
Распределбата на леглата, како што информираше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, се вршело според Законот за студентски стандарди кој беше донесен минатата година, по цели 14 години.
-Со овој закон предност се дава на студентите кои што потекнуваат од социјално загорзени семејства. Тоа е првата категорија на студенти, чива опфатеност е до 40% од вкупниот број на легла во домовите. Втората категорија се студенти кои постигнале особно висок успех во текот на досегашното учење и нивната опфатеност е 25%, додека третата категорија се студенти кои што не се опфатени во претходните две категории, за кои се предвидени до 35% од вкупниот број на легла во домовите. 20% од леглата се обезбедуваат за студентите-бруцоши, истакна Ристовски.
Оваа година значително е олеснет процесот на аплицирање, односно се намали бројот на потребни документи за аплицирање кои студентите терба да ги достават до Министерството за образование и наука. За таа цел започна да функционира системот на службено обезбедување на документација од Агенцијата за вработување, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи. Со оваа новина документацијата ја обезбедува МОН по службена должност.
-Заклучно со 22.09.2014 година, вкупно 5.364 студенти, кои доставиле електронска апликација на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk, поднесоа и документација до Министерството за образование и наука и истите беа разгледани. Комисијата утврди дека 12.3% од апликациите се со неточни податоци, со што беа отфрелни како некомплетни, подвлече тој.
Сепак, како што додаде, оваа година е забележано драстично подобрување на успешноста на пријавувањето. За разлика од минатата година кога бројот на неуспешни апликации бил дури 43% од вкупно поднесените апликации.
-Како министерство, исклучително сме задоволни од распртеделбата на студентските легла, затоа што и овој пат истата се спроведе максимално транспарентно и правично, онака како што налагаат определбите во новиот Закон за студентски стандард, подвлече Ристовски.
До сега, по конкурс се примени 5.801 студенти, а остануваат уште 155 слободни места
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа